Рускиот заменик министер за одбрана, Тимур Иванов е уапсен под сомнение за корупција, соопшти синоќа Рускиот истражен комитет, a пренесе „Ројтерс“.
-Заменик-министерот за одбрана на Русија, Тимур Иванов е уапсен поради сомнение дека сторил кривично дело од член 6 од член 290 од Кривичниот законик што се однесува на примање поткуп – се наведува во соопштението на Комитет без дополнителни детали.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека извештајот за притворот на Иванов е доставен до рускиот претседател Владимир Путин.
Министерот за одбрана Сергеј Шојгу бил информиран однапред за неговото приведување – рече тој.
Иванов (48), еден од 12-те заменици министри за одбрана, беше санкциониран од САД и ЕУ во 2022 година, откако Русија ја нападна Украина.
Работел во компании за гориво и енергија и во московската регионална влада пред да се приклучи на Министерството за одбрана во 2010 година. Тој стана заменик министер во 2016 година.
Магазинот „Форбс“ го опиша Иванов како експерт за кибернетика и нуклеарна индустрија и како еден од најбогатите луѓе во рускиот безбедносен естаблишмент.
Тој беше предмет на истрага објавена во 2022 година од забранетата Антикорупциска фондација, основана од починатиот опозициски лидер Алексеј Навални.
Се вели дека заменик-министерот ги надгледувал и профитирал од градежните проекти во украинскиот Мариупол, кој падна под контрола на Москва по повеќемесечна опсада.
Според истрагата на организацијата, која е забранета во Русија поради наводен „екстремизам“, министерот се развел од сопругата за да и овозможи да ги заобиколи санкциите на ЕУ.
Ова кривично дело може да резултира со голема парична казна или затворска казна од повеќе од десет години, во зависност од тежината на делото.