Велигденскиот концерт на „Танец“ со наслов „Велигден е, Ѓурѓовден е“ ќе се одржи вечерва, од 20 часот, во Националната опера и балет. На програмата се видеоприказната „Ѓурѓе ле, Ѓурѓе, млад Ѓурѓе, да кој ти рече да дојдеш? Мене ми рече Велигден“ и кореографската постановка „Ѓурѓовденка“, која е всушност сплет од игри и песни од Скопска Блатија и Скопска Црна Гора, поврзани со истоимениот пролетен празник. Во неа се застапени вообичаените народни надигрувања, нишалки и адети за простувања со оние што топлите летни денови ќе ги поминат во планините, чувајќи ги стадата. Меѓу песните се наоѓаат познатите „Ѓурѓовден е, Велигден е“, „Ни прела гора, ни ткала“, „Од гранка на гранка“, а од ората се вклучени претежно женските ора „Повратено“, „Влечено“, „Гајдашко“, „Овчарско оро“, „Потрчано“ и „Женско крстено“. Кореографијата е на Дојчин Матевски, музичката обработка на Ѓорѓи Димчевски, а исполнува игроорниот кор, оркестарот и хорот на „Танец“.
Премиера на кореографската постановка „У ливаду“
На репертоарот на овој концерт се: „Два орли се биле“ на женската вокална група на ансамблот, „Утре е света недела“ на машката вокална група, „Ѓурѓово лето, пролето“, видеоприказната „Да исчистиме гревовите, да испадиме духовите“… Ќе биде поставена и „Мечкари“, фрагмент од кореографската постановка „Прилепски игри“, која е инспирирана од традицијата за верскиот празник Прочка. На овој ден пред почетокот на велигденскиот пост, луѓето меѓусебно си простувале, а најинтересен детаљ на покладните обичаи во Прилеп биле обредните машки поворки со чист пагански карактер. Станува збор за т.н. мечкари – мажи маскирани во мечкини маски, направени од пресни кожи. Кореографијата е на Стојче Каранфилов.
Публиката ќе ја види и кореографската постановка „Мариовска тресеница“, една од постарите во репертоарот на „Танец“. Станува збор за женска обредна пролетна поворка од Мариово, поврзана со денот Чист понеделник, понеделникот по Прочка, кога започнуваат долгите велигденски пости и кога домаќинките ги чистат своите домови и ги обезмастуваат садовите за храна за големиот пост. Игроорките во оваа постановка се облечени во богати автентични носии од мариовскиот крај, што дополнително остава импресивен сценски впечаток. Кореографијата е на Јонче Христовски.
На програмата е и „У ливаду“ (2023). Во оваа најнова кореографска постановка на „Танец“, која во оваа пригода ќе ја доживее својата премиера, преку обработка на изворни ора, песни и соодветни кореографски решенија, се прикажуваат сцени од една селска ливада. Самото драмско дејствие започнува со моментот кога четири млади момчиња, еден по еден се упатуваат кон ливадата, каде што веќе се собрани младите моми, кои веќе разиграно се дружат и берат цвеќе. Со самото пристигнување на момчињата, преку песни и игри, започнува додворувањето, кое потоа прераснува во надигрување со друга група млади момчиња за освојување на женското внимание. Оваа машка „борба“ ја спречуваат девојчињата, со нивно приклучување кон играта, па сите завршуваат во едно заедничко дружење и надигрување. Кореографијата „У ливаду“ се темели на фолклорот од источниот дел на Славиште и Дурачка Река. Кореографијата е на Јовица Блажевски.
Двоен празник, двојна радост
Кореографската постановка „Свадба“, пак, претставува своевидна фолклорна драма, инспирирана од најважниот и најрадосен момент од животот на човекот – свадбата. Низ обичаите, игрите и песните „Засеја мома, пресеја“, „Плетат моми до три зелени венца“, „Брале се, брале сватови“, „Идат, итени сватови“, „Свекрвиното“, „Невестинското“, „Кумовото“, „Месариското оро“ и другите народни творби застапени во постановката, е прикажан духот на македонската свадба од Скопска Блатија. Кореографијата е на Благоја Филиповски.
– И овој велигденски концерт на „Танец“ е посебен, бидејќи ретко се случува Велигден да е „рака под рака“ со Ѓурѓовден. Двоен празник, двојна радост и двојна среќа за нас. Ретка можност да ве пренесеме во раскошот на традиционалните празнувања на најубавиот период од годината – пролетта. Заедно духовно ќе се будиме со природата, ќе осамнеме со сонцето, ќе процветаме со мирисите на цветните ливади, но и ќе се исчистиме од гревовите и ќе си простиме. Ќе плетеме венци од ора и песни за љубов, бериќет и здравје, а на крајот, заедно ќе го крунисаме животот со свадба. Нека ни се честити Велигден и Ѓурѓовден! Нека ни е честит големиот јубилеј! – порачуваат од ансамблот.
Во програмата ќе бидат емитувани тематски видеоинтермеца, за чија изработка се користени материјали од архивите на МРТ, ИФ „Марко Цепенков“ – Скопје, Музејот на Македонија и од Кинотеката на Македонија. В.Д.