ВАРШАВА ПАК НА ТАПЕТ ВО БРИСЕЛ

Полска претпоставува дека ќе биде меѓу земјите на ЕУ против кои Европската комисија ќе поведе постапка поради прекумерен буџетски дефицит, објави Министерството за финансии. Варшава се надева дека може да се „извади“ само поради повисоките трошоци за војската.
Плафонот на буџетскиот дефицит во ЕУ е три проценти од БДП, а земјите членки што го надминуваат мора да го намалат со стапка од половина процентен поен годишно. Од 2020 до 2023 година, плафонот е суспендиран поради пандемијата на ковид-19 и војната во Украина. Буџетскиот дефицит на Полска минатата година изнесуваше 5,1 отсто од БДП, покажуваат прелиминарните податоци на заводот за статистика.
– Треба да тргнеме од претпоставката дека поради преголемиот дефицит ќе се поведе постапка против Полска, бидејќи Европската комисија е должна на тој чекор – соопштија од Министерството за финансии, додавајќи дека веќе се во „работен дијалог“ со Брисел.
Според мислењето на Министерството за финансии, високиот дефицит во Полска е резултат на војната во Украина и огромните трошоци на Полска за модернизација на армијата, елиминирање на последиците од енергетската криза и помош на бегалците од Украина.
Изменетите регулативи на ЕУ предвидуваат стабилно темпо на намалување на дефицитот и долгот од 2025 година, во период од четири до седум години. Членките можат да добијат повеќе време доколку спроведат реформи и инвестираат во области што ЕУ ги вклучи во листата на приоритети. Х.И.