Фото: ЕПА

Перез го освои второто место на патеката „Сузука“, а тој и Ферстапен третпат сезонава се на првите две места. Ферстапен забележа и нов т.н. хет-трик, откако покрај победата го имаше и најбрзиот круг и ја почна трката од пол-позицијата

ФОРМУЛА 1 – НОВ ХЕТ-ТРИК НА ШАМПИОНОТ ВО ПОБЕДАТА НА ТРКАТА ВО ЈАПОНИЈА

Светскиот шампион во Формула 1, Макс Ферстапен, се врати на победничките патеки со третата победа во низа на трката во Јапонија, 57. во кариерата, а неговиот тимски колега од Ред Бул, Мексиканецот Серхио Перез го освои второто место на патеката „Сузука“. Тие сезонава третпат заедно имаат т.н. еден-два триумф. Холанѓанецот, кој загуби на трката во Мелбурн пред 14 дена, со што ја прекина победничка серија од девет трки, сега има три победи од четири трки сезонава.
Шпанецот Карлос Саинс, победникот во Австралија пред две недели, возеше со посвежи гуми во последните етапи од трката за да го надмине тимскиот колега од Ферари, Шарл Леклер, и го освои третото место на подиумот.
– Многу сум среќен што сме повторно на врвот – рече Ферстапен, кој имаше 12,535 секунди пред својот тимски колега, а го имаше и најбрзиот круг, јави агенцијата „Ројтерс“.
Ферстапен забележа вториот т.н. хет-трик сезонава (вкупно 12-ти), откако покрај победата и најбрзиот круг, тој ја почна трката од пол-позицијата.
Перез го помина Леклер на второто место во шампионатот на возачи и сега има 13 поени помалку од Ферстапен.
– Мислам дека имаме добар замав. Ако бидеме силни на места како ова со многу свиоци со голема брзина, можеме да бидеме силни и на кое било друго место – рече Мексиканецот.
Возачот на Мекларен, Ландо Норис, е на петтото место, а возачите на Мерцедес, Џорџ Расел и седумкратниот шампион Луис Хамилтон, беа на седмото, односно на деветтото место. Фернандо Алонсо од Астон Мартин е шести, а Оскар Пјастри од Мекларен осми. Возачот на РБ, Јуки Цунода, го освои 10-то место, првпат обезбедувајќи бодови на свој терен.
Трката ја обележи и меѓусебниот судир во почетниот круг помеѓу Алекс Албон од Вилијамс и Даниел Рикардо од РБ, предизвикувајќи доцнење на трката од 30 минути, додека остатоците беа расчистени. Двајцата возачи беа неповредени.
По четири трки, Ред Бул води во поредокот на тимови сезонава, со 141 поен, пред Ферари со 120 и Мекларен со 69. Кај возачите на првото место е Ферстапен со 77 бода, пред Перез со 64, Леклер со 59, Саинс со 55, Норис со 37 итн. Г.И.