Со Отворен ден на Армијата и изложба на воена опрема денеска на Воениот стадион во Градскиот парк во Скопје беше одбележана 4-годишнината од членството на земјава во НАТО и 75-годишнината од основањето на Алијансата. На одбележувањето присуствуваше и претседателот Стево Пендаровски.
Покрај изложените воени средства, возила и опрема, присутните на настанот можеа да проследат и показни вежби од припадниците на баталјонот за специјални сили, алпинистички вештини на ренџерите, вежба со армиски кучиња како и музичка изведба од страна на Воениот оркестар.
Армиските припадници ги запознаваа граѓаните со техничките карактеристики на дел од вооружувањето и опремата на пешадиските единици, единицата за АБХО, воената полиција, специјалните единици, единиците за врски, инженериски единици и повеќе видови на воени возила.
На посебен штанд Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ ги претставуваше своите програми и можностите за студирање.