Домување
Растенијата не само што го збогатуваат нашиот воздух со кислород туку некои видови растенија во саксии го прочистуваат од токсични соединенија и ги елиминираат малите честички прав. Но за да бидат растенијата здрави и да напредуваат им требаат и одредени услови – соодветно количество светлина и вода, соодветна положба каде што се сместени, а исто така и дополнителна исхрана.
Во текот на зимата, растенијата се во состојба на мирување, па затоа е потребно само редовно да се полеваат (некои видови бараат повеќе, а некои помалку вода) и да им се обезбеди потребната светлина. Но како што доаѓаат потоплите денови, ќе мора да посветите повеќе внимание на вашите растенија – за некои ќе треба да ја смените почвата, да ја дополнувате, а некои ќе бараат пресадување во поголеми саксии.
Растенијата ќе го направат секој простор попријатен и поубав. Но за да бидат убави и здрави треба правилно да се грижите за нив. Наводнувањето не е секогаш доволно, особено во текот на пролетта кога на растението му е потребна дополнителна енергија. Како можете да ја збогатите водата за полевање со важни хранливи материи? Кога растенијата ќе стигнат до фазата на раст, им требаат хранливи материи. Со овој одличен рецепт можете да ја збогатите водата за наводнување на растенијата со потребните хранливи материи и во исто време да ги заштитите од штетници и болести. Во 500 мл вода ставете една главица лук (одделете ги каранфилките) и додадете три лажици алкохолен оцет и оставете да отстои преку ноќ. Алкохолниот оцет ќе ги извлече сите хранливи и лековити состојки од лукот во водата. Наводнете ги растенијата со овој раствор и ќе им ги обезбедите потребните хранливи материи за раст и здравје.