Луѓе со цвеќе и припадници на безбедносните сили има на улиците во близина на Црквата на иконата на Богородица и гробиштата Борисовски во Москва, каде што денеска се погребува опозицискиот политичар Алексеј Навални, кој почина во затвор.
Портпаролката на Навални, Кира Џармиш, на мрежата X напиша дека церемонијата почнува во 14 часот по локално време во црквата во московскиот кварт Марино, каде што некогаш живеел Навални.
Џармиш напиша дека погребните служби првично одбиле да го пренесат телото на Навални од московската мртвечница во црквата, но попуштиле во последен момент.
Ковчегот со телото на Навални беше внесен во црквата, додека насобраните извикуваа „Навални, Навални!“ и „Ти не се плашеше, ние не се плашиме“!
Кремљ денеска соопшти дека собирањето на луѓе за погребот на починатиот руски опозициски е во спротивност со законот, пренесоа британските медиуми. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одбил да даде оценка за Навални како политичка фигура и додаде дека нема што да му каже на неговото семејство.