Што се однесува до идејата за „Бадентеровото мнозинство“ за избор на претседател, уште кога со Охридскиот договор се воведуваше тој принцип со кој се бара согласноста на малцинствата (практично ова се однесува само на албанското малцинство), сѐ укажуваше дека во превод тоа значи – право на вето!
Во таквиот контекст, постојат три причини зошто е несоодветен и неприфатлив предлогот за избор на претседател во Собранието
Повод: Бадентеровиот принцип за избор на претседател
Принципот на т.н. Бадентерово мнозинство е воведен со Охридскиот рамковен договор, како една иновативна алатка во функција на „клуч“ за надминување на една тешка внатрешна воена криза во државава, која се закануваше да се прелее и во другите соседни држави во регионот.
Во една таква состојба, македонското државно раководство беше под силен надворешен притисок да прифати низа предлози што не суштествуваа со волјата на народот – носител на државноста, а ниту пак со концептот на државата, нејзиниот карактер, ни со актуелниот Устав и закони. Затоа, тие фундаментални правни акти беа променети под една таква драстична закана.
Така, принципот на Бадентер беше усвоен и беше ад хок решение за внатрешен (и регионален) мир и безбедносна стабилност во тој момент. Но веќе е повеќе од очигледно дека за овие дваесетина години од неговата примена тој покажува симптоми на надживеаност, а етничкиот клуч (што го мотивира феноменот на мајоризација на малцинството над мнозинството) ја загрозува функционалноста на државните институции и суштински го деградира мерит-системот на вредности.
Во македонското општество сѐ погласно се наметнува потребата за укинување на принципот „Бадентерово мнозинство“ за т.н. позитивна дискриминација, но албанските партии бараат тој да се применува и при избор на претседател на државата во Собрание?! Секако, тоа води до прашањето како Македонија може да се развива како демократија според вредностите на мерит-системот додека и понатаму политичките партии не се откажуваат и ги форсираат „дискриминаторските“ модели, па макар тие да се нарекуваат „позитивна дискриминација“?
Противречност во придавката
– Не е можно да функционира нешто како „позитивна дискриминација“. Тоа во филозофијата се нарекува contradictio in adiecto (противречност во придавката), или едноставно – бесмисленост, без разлика со каква намера се воведува. Со предлогот за избор на претседател на државата во Собранието, и тоа со „Бадентерово мнозинство“, практично се воведува посредна демократија во Македонија. Тоа би значело дека граѓаните ги избираат тие (пратениците) што ќе го изберат претседателот. Таквата посредна демократија на изборите е карактеристична за САД, според комплициран систем, кој речиси никој не го разбира. За нас во Македонија, тоа би било враќање чекор назад во демократските процеси, зашто сега имаме непосредни демократски избори, каде што граѓаните директно го избираат претседателот на државата. Што се однесува до идејата за „Бадентеровото мнозинство“ за избор на претседател, уште кога со Охридскиот договор се воведуваше тој принцип со кој се бара согласноста на малцинствата (практично на албанското малцинство), предупредував дека тоа значи – право на вето. Значи, постојат три причини зошто е несоодветен и неприфатлив предлогот за избор на претседател во Собранието: 1. нелогична и неприфатлива е т.н. позитивна дискриминација, 2. се воведува посредничка демократија, 3. Бадентеровото мнозинство значи право на вето на малцинството – вели универзитетскиот професор по филозофија Љубомир Цуцуловски.
Идејата за избор на претседател во Собранието бара суштинска промена на Уставот, на унитарната држава и нејзино предефинирање во бинационална држава
Професорката од Институтот за правни и политичко-правни истражувања, Мирјана Најчевска, предупредува дека евентуалното прифаќање на оваа иницијатива за избор на претседател во Собранието значи губење на шансата Македонија да се гради како граѓанска држава.
– Евентуалното спроведување на идејата за избор на претседател во Собранието, првенствено бара суштинска промена на Уставот на Македонија, според кој е дефинирана како унитарна држава. Ваквата иницијатива води кон предефинирање во бинационална држава, што значи губење на мултиетничкиот карактер на општеството. Уште повеќе, тоа би значело дека би ја изгубиле шансата за градење граѓанска демократска држава. Граѓаните како индивидуи, слободни личности во општеството ќе бидат принудени да се изјаснуваат етнички. Она што ги карактеризира демократските држави е етницитетот да биде во сферата на приватните работи на граѓаните, а не да доминира во јавниот сегмент. Наметнувањето на етницитетот во јавниот сегмент на државата и општеството води до загрозување на основните човекови права на граѓаните и секако е суштински чекор назад во демократијата. Реализацијата на идејата за избор на претседател на државата во Собрание би било озаконување на партократијата, владеењето на партиите, спакувано во етничка обланда – вели професорката Мирјана Најчевска.