„Мала изложба за мечтаење“ е насловена самостојната изложба на Дарко Алексовски што ќе биде отворена на 1 март, во 19 часот, во попап-галеријата „Гаража Камба“ во Загреб. Кураторка на изложбата е Сара Микелиќ. Изложбата е поделена на три меѓусебно поврзани сегменти: дванаесетте претходни изданија на „Мал прирачник за мечтаење“, ново издание реализирано во соработка со Стела Микулин и Жељко Бељан, како и дела создадени на партиципативна работилница за фанзини, која ќе се одржи на 28 февруари во просторот на галеријата.
– „Мал прирачник за мечтаење“ е серија самостојно издадени фанзини на Дарко Алексовски преку кои тој истражува еден постојано променлив светоглед, како и мечтаењето за одредени места, предмети и ситуации каде што имагинацијата се испреплетува со нашите сеќавања. Изложбата е проширување на оваа мала серија публикации како начин за изразување преку различни визуелни и наративни методи. Појдовна точка за пронаоѓање и раскажување приказни во овие дела се утописки концепти, како на пример „пејзажи на восхитот“, предложен од Хозе Естебан Муњоз како начин да се „надминат ограничувањата на отуѓувачката сегашност што овозможува да се видат различно време и место, и „агорафилија“, предложен од Пол Б. Пресиадо како љубовна страст предизвикана од град каде што материјалните граници помеѓу градските улици и телото стануваат толку нејасни што „мапата станува анатомија“ – се наведува во најавата.
Проектот има важен колаборативен и партиципативен аспект преку кој Алексовски поканува други уметници да предложат визуелни или пишани материјали за одредено издание. Уметниците Ивана Спироска, Симона Манчева и Џан Демир гостуваа во четвртиот, петтиот и единаесеттиот број, а партиципативните изданија се реализираат во рамките на работилници за фанзини. Реализацијата на изложбата е финансиски поддржана од Градската канцеларија за култура, меѓуградска и меѓународна соработка и цивилно друштво на Град Загреб. Продукцијата е на „Природно-уметнички кружок“, финансиски поддржан од фондацијата „Култура нова“, Министерството за култура и медиуми на Република Хрватска и Град Загреб.