Сите моменти поврзани со кризата за личните документи, пред одржувањето на собраниската седница на која пратениците треба да одлучат за продолжување на важноста на пасошите, рефлектираат состојби на некаква спротивставеност на партиите чие тежиште во предизборен период е грижа за сопствениот рејтинг. Но, интересот на граѓаните мора да остане приоритет! Фактот што државата им ги загрозува основните човекови права на граѓаните е врвно прашање за решавање!
Едноставно, природно е дека се подразбира дека не би требало да постои дилема дали државата ќе застане во одбрана на основните човекови права на сопствените граѓани, односно на правото на слободно движење, или и натаму ќе им го ограничува движењето на своите граѓани (само од страв да не се налути Грција, без оглед што повеќето европски земји дозволуваат движење со стариот пасош). Може ли конечно пратениците во македонскиот парламент да гласаат во интерес на своите граѓани, а не во нечиј друг?

Собранието денеска решава за (не)продолжување на важноста на пасошите

Иако на дневниот ред за денешната пленарна седница на Собранието, објавен на веб-страницата, не може да се најде точката за предлогот на законот за изменување на Законот за патни исправи на државјаните, собранискиот спикер Јован Митревски пред неколку дена најави дека за предлогот за продолжување на важноста на пасошите издадени од Република Македонија, пратениците ќе расправаат и гласаат на оваа седница. Проблемот со важноста на личните документи, вклучувајќи ги и пасошите, „ненадејно“ се откри речиси еден ден пред истекот на петгодишниот рок наведен во Преспанскиот договор за менување на личните документи, со новото име на Република Македонија, дополнето со географска одредница. Според вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, државата нема издадено ниту еден документ, ниту одлука за укинување на важност на пасошите со Република Македонија на кориците, но тие престанале да важат по сила на закон, кој стапил во важност на 12 февруари годинава. Ваквата законски недефинирана состојба предизвика многу фрустрации кај граѓаните на кои државата не може да им испорача нови документи за патување. Подраматична е ситуацијата кај македонските граѓани што работат во странство, на кои им се загрозени и договорите за работа, практично и нивната егзистенција.

Патните исправи да важат до 31 декември, за да се остави простор за
техничко спроведување на замената на пасошите

Предлогот за измени на Законот за патните исправи, кој денеска треба да се најде на дневен ред на собраниската седница, предвидува важноста на старите пасоши да биде продолжена до крајот на годинава, т.е. до 31 декември, за да се остави простор за техничко спроведување на замената на пасошите.
Имено, со неодговорноста на институциите за овозможување услови за замена на личните документи (недостиг од обрасци за патните исправи и друга техничка неподготвеност), како обврска преземена од власта со Преспанскиот договор, на македонските граѓани практично им се загрозени основните човекови права, односно правото на слободно движење. Сомничавите аргументи во однос на предлог-законот за продолжување на важноста на старите пасоши, изразени од претставниците на власта, е дека тој „ќе внесе дополнителна и поголема правна несигурност и можност да ги внесе граѓаните во поголеми проблеми, дополнителни трошоци и непријатности на гранични премини“.
Од друга страна, граѓаните на Македонија секојдневно добиваат информации за гаранции од поединечни земји членки на ЕУ (Австрија и Хрватска, неодамна) дека (ќе) ги прифаќаат старите македонски патни исправи, а од дирекцијата на Европската комисија за патни исправи е добиен допис дека ќе бидат покажани „разбирање и флексибилност“ за состојбата со македонските пасоши. Единствено Грција има испратено допис од ЕК дека не ги прифаќа македонските пасоши со Република Македонија на корицата.
Сите овие моменти поврзани со кризата за личните документи, пред одржувањето на собраниската седница на која пратениците треба да одлучат за продолжување на важноста на пасошите, рефлектираат состојби на политичка спротивставеност на партиите, кои во предизборен период како повеќе да се грижат за сопствениот рејтинг отколку за интересот на граѓаните и фактот што државата им ги загрозува основните човекови права. Поедноставено кажано, се поставува дилемата дали државата ќе застане во одбрана на основните човекови права на сопствените граѓани, односно на правото на слободно движење или и натаму ќе им го ограничува движењето само од страв да не се налути Грција, без оглед што повеќето европски земји дозволуваат движење со стариот пасош. Притоа треба да се има предвид дека Преспанскиот договор е сепак билатерален договор меѓу Македонија и Грција, кој не обврзува трети земји.

Пекевски: Навистина е лошо што жртви на меѓупартиските игри се – македонските граѓани

– Резервите и сомневањата на одредени партии во врска со гласањето во Собранието на предлог-законот за продолжување на важноста на старите патни исправи некако личи на потреба да ги казнат граѓаните пред граѓаните да ги казнат нив на избори. Не гледам некоја реална причина зошто пратениците од сите партии не би гласале за овој предлог-закон, кој ќе им го олесни движењето на македонските граѓани и впрочем ќе им овозможи повторно да го уживаат основното човеково право на слобода на движење, загарантирано и со Уставот. Парадоксално и себенегирачки е земји членки на ЕУ, како Хрватска и Австрија, да ги признаваат документите издадени од македонската држава, а државата што ги издала да не си ги признава. Постојат сомневања дека неодлучноста за гласање на измените на Законот за патни исправи е резултат на некои внатрепартиски битки и подметнувања, но лошо е што жртви на таквите игри се македонските граѓани. Ако не се изгласа продолжувањето на важноста на старите пасоши, тоа би значело дека одредени партии сакаат да ги казнат граѓаните пред да се соочат со изборните резултати – вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.