Пред целосното воведување во март 2026 година, пилот-проектот ќе се игра во март годинава, а на турнирите во Алжир, Азербејџан, Саудиска Арабија и во Шри Ланка ќе настапат репрезентации од сите шест конфедерации. Идните вакви натпревари од серијата на ФИФА се планира да се играат секој март во парните години

ФУДБАЛ

Светската фудбалска федерација (ФИФА) во март ќе ја спроведе пилот-фазата од серијата на ФИФА со меѓународни пријателски натпревари на турнири со по четири репрезентации од различни конфедерации, во една земја домаќин. Серијата на ФИФА ќе им обезбеди на здруженијата членки поредовна можност да играат со репрезентации од други континенти, што ќе послужи за зголемување на можностите за технички развој, пишува ФИФА.
Пред целосното воведување во март 2026 година, пилот-проектот ќе се игра од 18 до 26 март годинава, а ќе учествуваат репрезентации од сите шест конфедерации. Идните вакви натпревари од серијата на ФИФА се планира да се играат во текот на секој март во парните години.
– Серијата на ФИФА е навистина позитивен чекор напред за репрезентативниот фудбал на глобално ниво. Нашите здруженија членки веќе долго време ни кажуваат за нивната желба да се тестираат против своите колеги од целиот свет, а сега тие можат да го сторат тоа во рамките на тековниот меѓународен календар на натпревари за мажи. Позначајните натпревари ќе овозможат многу повредна фудбалска интеракција за играчите, репрезентациите и гледачите и ќе дадат конкретен придонес во развојот на играта – рече претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.
Пилот-фазата од серијата на ФИФА во март годинава ќе има пет турнира, и тоа во Алжир (ќе играат Алжир, Андора, Боливија и Јужна Африка), во Азербејџан (Азербејџан, Бугарија, Монголија и Танзанија), два турнира во Саудиска Арабија (на турнирот А ќе играат Зелено`ртска Република, Камбоџа, Екваторијална Гвинеја и Гвајана, а на турнирот Б ќе настапат Бермуди, Брунеи Дарусалам, Гвинеја и Вануату) и во Шри Ланка (Бутан, Централноафриканска Република, Папуа Нова Гвинеја и Шри Ланка), објави ФИФА. Н.М.