Експертите предупредуваат
Едно британско истражување покажа зачудувачки резултати – некои од нашите омилени намирници, вклучувајќи го и чоколадото, можеби нема да постојат до 2123 година. Истражувањето покажа дека еден од седум Британци верува дека до 2123 година исхраната ќе биде базирана на растителна основа, во голема мера поради негативното влијание на климата врз храната од животинско потекло.
И додека 59 отсто од Британците анкетирани во истражувањето велат дека не можат да го замислат животот без чоколадо, експертите предупредуваат дека овој омилен десерт би можел да исчезне до 2123 година. Исто така се предвидува дека општеството ќе стане многу посвесно, па некои намирници полека ќе исчезнат поради големиот јаглероден отпечаток. Такви се на пример авокадото и лососот. Поради климатските промени, веќе може да се забележи драматично намалување на стеблата со какао, па сосема е можно чоколадото природно да исчезне од нашата исхрана и постепено да биде заменето со некои поодржливи алтернативи.
Чоколадото, како што покажа истражувањето, не е единствената храна на која ѝ се заканува исчезнување. Според истражувањето до 2123 година, луѓето повеќе нема да јадат риба и морски плодови, ниту месо. Нивна замена ќе бидат ќофтиња од растително потекло, но и разни инсекти како поеколошки извор на протеини. Покрај тоа, тофуто, медот, авокадото и наутот целосно би можеле да исчезнат од нашата исхрана, како и млекото, кое ќе биде заменето со бадемово, соино или овесно млеко, без лактоза и со помало влијание врз животната средина.