Се јавија и нашите иселеници. Луѓето што живеат по белиот свет, кои имаат еден поинаков, поистенчен поглед на нештата овде, кои од дистанца можат пообјективно да ги согледаат состојбите, апелираат да се обединиме!!! Апелираат да ги надминеме актуелните состојби, да направиме еден комплетен ресет и да започнеме да ги гледаме и да ги третираме работите како што треба. Како целиот нормален свет. Да престанеме со експериментите, кои очигледно се на наша штета. Сакаат да кажат луѓето дека од дрво железо не бидува. Но има ли кој да ги слушне овде?
Можам само да претпоставам како реагираат кога се сами во своите резиденции сериозните амбасадори на мисија во Македонија. Оние што се дојдени овде со сериозен мандат, да си го одработат своето квалитетно и според потребите на сопствената земја. Оние другите, а ги има и такви, нема да ги третираме овој пат.
Значи, си седи човекот во длабока фотелја и се чуди. Колку и да се подготвувал, да читал за Македонија, ова што го гледа не му влегува во глава. Тукушто успеа да проголта разно-разни балансери, „бадентери“ и секакви наводни израмнувачи на некои од состојбите, сега збунетиот дипломат се обидува да сфати што значи пржинска влада, сто дена заменски премиер, министри, влада… Се чувствува како да дoшол вo земјата на чудата. Ако, пак, случајно амбасадорот припаѓа на светската армија обожаватели на Монти Пајтон, сигурно дека овде многу комотно ќе се чувствува, бидејќи секојпат кога ќе слушне министерство за добро владеење, тоа ќе му асоцира на култното „министерство за глупаво одење“.
За секого има по нешто.
Ете, изминативе денови слушнавме дека една од трите врвни функции во државата морала да биде резервирана за Албанците, а како додаток вчера Али Ахмети предложи да се отвори Уставот и да се вметне функцијата заменик-шеф на државата.
Е сега, врти-врти по тоа книгите, пребарува на интернет кутриот амбасадор, ама не може да најде никаде ваква форма на демократија како што се применува во Македонија. Збунет е и им префрла во себе на своите обучувачи дека не го подготвиле доволно за она што го очекува тука, но сепак се теши дека ова се случува тука, а не кај него дома.
Пушта телевизија да се релаксира малку, да ги оттргне тешките размисли и – нов шок. На програмата е жестока критика од страна на министерот за работата на заменик-министерот, или беше обратно, кој ќе го знае. Се напаѓаат како да е тоа прашање на живот и смрт, а се работи за двајца листопадни, заменски функционери, кои според редот на нештата имаат задача да подготват и изготват фер и чесни избори, според веќе легендарниот пржински племенски договор, постигнат со посредство (читај со невиден притисок) на странските олеснувачи.
Веќе му е преполн тефтерот на амбасадорот, гаси телевизорот и решава да се исклучи. Време е за одмор.
Едноставно, човечки мозок не може да ги поднесе и да ги восприеми сите овие новотарии, кои политичката наука не ги познава како такви или ги знае во некоја изворна форма, употребени во сосема поинакви околности и за сосема други ситуации. Она што нашиве домашни алхемичари го зготвија под силен мониторинг на странците и нивна сесрдна помош (во стилот „сто стапа по туѓ грб мене не ме болат“) тешко дека некој нормален ќе го сфати.
А ние? Па кој нѐ праша нас? Нашите прекрасни партиски лидери во борба за што поудобни функционерски фотелји и дебели апанажи потоа (патем, видовте ли колкави апанажи се бараат од страна на довчерашните највисоки функционери?), во состојба се да прифатат и потпишат сѐ и сешто. Сите тие се колнат во народот, во гласачите, во своите поддржувачи, сѐ додека не седнат на функција. Потоа, едноставно забораваат кои се и од каде дошле и стануваат недопирливи. Сѐ до наредните избори, кога пак се сеќаваат на нас и ја бараат нашата доверба…
И така, тркалото врти, тие нѐ лажат, ние се залажуваме дека ни е убаво и одвреме-навреме ќе пуштиме понекој глас, ама така, тивко, да не нѐ слушне некој функционер, да не се навреди случајно. И си тераме.
И токму и ние да се исклучиме, како нашиот гостин, амбасадорот, ни доаѓа глас однадвор. Се јавија нашите иселеници. Луѓето што живеат по белиот свет, кои имаат еден поинаков, поистенчен поглед на нештата овде, кои од дистанца можат пообјективно да ги согледаат состојбите, апелираат да се обединиме.
Апелираат да ги надминеме актуелните состојби, да направиме еден комплетен ресет и да започнеме да ги гледаме и да ги третираме работите како што треба. Како целиот нормален свет. Да престанеме со експериментите, кои се очигледно на наша штета. Сакаат да кажат луѓето дека од дрво железо не бидува.
Но има ли кој да ги слушне овде?
Или ќе чекаме амбасадорот што си го замисливме во првиот дел од колумнава да се налути и да тропне на маса, па да се разбудат нашиве политичари и да решат нешто да прекршат, да свртат нов лист. Не би сакал да биде така, посакувам барем еднаш да се јави некој домашен глас на разумот и да каже: „Ова не го бидува веќе. Дајте да почнеме да живееме како нормален свет“.
Којзнае дали оваа генерација ќе дочека некој таков политичар.