Преку призмата на нашиот однос кон Водно станува јасно зошто сме тука каде што сме. Такви сме ние кон сѐ што имаме, вклучувајќи ја и државата, која пред очи ни се распадна. Ние ќе правиме хаос, ама постојано ќе бараме некој друг да ни ги реши проблемите чии креатори сме ние самите. Ќе бараме виновници онаму каде што ги нема
Секој викенд Водно е под опсада од рекреативци, луѓе што бегаат од загаденото Скопје, и тоа е за голем поздрав. Особено голема посетеност имаше изминатиот викенд, кога сончевото време ги извади скопјани од своите домови за да прошетаат и да поминат малку поинаков семеен ден.
И тоа е навистина добро, бидејќи и малата физичка активност е подобра од никаква. Настрана пофалбите, поразува фактот што секојпат на единствената урбанизирана планина во Скопје, некои од посетителите, кои се „најголеми“ поддржувачи на здрав живот, на здрава храна и други здрави навики, го оставаат своето ѓубре на планината, која за нас скопјани буквално значи живот, бидејќи таа е единственото место каде што може колку толку да избегаме и да ги прочистиме белите дробови дишејќи чист воздух.
Кога и да одам на Водно по изминат сончев викенд, на сите страни има ѓубре. Значи, не е проблем вие да шетате на планината, но да, сериозен проблем е што не сакате или ве мрзи да си го соберете ѓубрето што самите го произведувате.
Како очекувате следниот викенд да ве очекува чиста планина со чист воздух ако оставате отпадоци да скапуваат во земјата, од каде што „храната“ ја црпат дрвјата, кои пак го емитуваат чистиот воздух за кој сте отишле горе?
Планината е „накитена“ со разни остатоци од грицки, чашки од испиен чај, лименки од сок и понекое пиво, догорчиња, влажни марамчиња… Поразителна е сликата што по секој викенд останува да ја „јаде“ чистата животна средина тука.
Водно секој викенд тоне во ѓубре. Што повеќе да кажам? Сите на социјалните мрежи се еколошки потковани да коментираат, сѐ додека не дојде моментот кога треба тоа да го спроведат во практика. Тогаш нивните совети за здрава животна средина паѓаат во вода. И кога кантите за отпадоци се преполни, редно е да си го земеме ѓубрето со нас, па да го фрлиме во следната слободна канта, а не да решаваме „тетрис“ ставајќи го отпадокот на врвот на „планината“ од ѓубре или пак до кантата затоа што немало место. Тоа ѓубре на мало ветре „лета“, па се шири низ целата планина… И, што е најиронично, чекаме комуналците да дојдат и да го соберат ѓубрето што е разлетано на сите страни, а екипите на „Паркови и зеленило“ да шетаат и да „го ловат“ секое парче отпад низ падините на планината.
Втор момент што не можам да си го објаснам е потребата на тие еколошки ориентирани граѓани што е можно погоре да се качат со автомобил. Водно секој викенд буквално е забарикадирано од автомобили, а со оглед на тоа што паркингот не може да одговори на потребите, возачите си се паркираат по должината на улицата.
Не е проблем ниту посетата со возила, меѓутоа за оние што навистина немаат можност да одат со автобуси или пеш. Има многу граѓани што со мали деца мора да се качат со возило, но крајно е неоправдано загадувањето што му го правиме на Водно поради тоа што се качуваме со возила до горе.
Па, наместо горе навистина да дишеме чист воздух, ние повторно дишеме чад од возила, кои заглавени чекаат и по повеќе минути за да пронајдат паркинг.
Но ништо од ова и не треба многу да нѐ чуди. Ние сме такви за сѐ, а преку призмата на нашиот однос кон Водно, станува јасно зошто сме тука каде што сме. Такви сме ние кон сѐ што имаме, вклучувајќи ја и државата, која пред очи ни се распадна, ни се преполни со „ѓубре“ што самите го создаваме, а кое ни го уништи и она малку македонско што ни остана.
Ние ќе правиме хаос, ама постојано ќе бараме некој друг да ни ги реши проблемите чии креатори сме ние самите. Ма не, никој не ни е виновен, самите сме си виновни за сѐ.
Велат културата, општествената одговорност и патриотизмот на еден народ се гледаат преку односот кон она што го користи народот. Ете, Словенија е прогласена за најчиста земја, а сите велат дека тоа е народ што вистински си ја сака татковината.
Гледајќи по нашиот однос кон природата, па и сѐ друго во државава, не сакам ниту да изговорам колку ние си ја сакаме Македонија…