Венко Андоновски, писател

  • Сакав да бидам за момент Горан, и тоа го направив. Излезе дека не само што „Диво месо“ е можно денес туку дека е и неопходно. Имаме ние уште „диви историски меса“ што уште нè задушуваат. Името со Грција и „братската историја“ со Бугарија се диви меса. Сепак, јас работев уметничко дело, и со Пројковски правиме уметничко дело – театарска претстава, а не политички памфлет. Затоа реков: ова е тешка претстава, не смее да се помине границата меѓу политичките интереси за запад и исток во ниеден момент, не смее да претежне некој тас од вагата, вели Венко Андоновски

„Мачкина глава“ е драмски текст на Венко Андоновски, македонскиот романсиер, драмски писател, филмски сценарист, книжевен критичар, теоретичар на литературата и културата. Премиерата на претставата „Мачкина глава“, во режија на Дејан Пројковски, е закажана за 21 април, денот на централната прослава за 80-годишнината на Драмскиот театар.
За драмскиот текст, инспирацијата, пораката на „Мачкина глава“ разговараме со авторот на текстот, Венко Андоновски.

Од каде црпи инспирација драмскиот текст „Мачкина глава“ и која е неговата основна порака?
– „Мачкина глава“ е напишана во чест на нашиот гениј Горан Стефановски. Размислував многу за неговото „Диво месо“ (напишав и семиотичка анализа над 40 страници во последната моја книга есеи) и се прашав: кога сега Горан би го пишувал истиов текст, во време на постхуманитетот и постпостмодерната, во време на дигиталната „студена“ цивилизација, во време на целосното губење на македонскиот идентитет, во време на империјално-колонијалистичкиот поредок по однос на доминацијата на јазиците и културите, во време на лудило од војни и геополитички интереси, во време на целосна дезинтеграција на субјектот и личноста (персоналитетот) – како тој текст би изгледал? И дали е воопшто можно да се напише? Тоа беше – инспирацијата.
А главната порака е: ние сме границата меѓу Исток и Запад, точка на која владее целосна неопределеност, ние сме митски народ што сè уште не излегол од митско во историско време (зашто не нè примаат ни во ЕУ ни на исток, а таму времето е историско). Ама таа граница, која има сјајно минато (дадовме писменост на многу народи од цивилизирана Европа и на три вери), како и секоја граница е – најважното место. Да бидеш граница тоа значи – да им даваш идентитет на оние што се судираат врз и преку тебе. Ние сме и натаму онаа линија на која се крши светот и онаа линија од која се бара да не биде линија, туку да припадне некаде, лево или десно. И ние сме силни, зашто нашиот идентитет не е ниту исток ниту запад, туку границата меѓу нив. Да се биде граница е највисоката вредност: ние кажуваме што е запад, а што исток, ние сме двострано огледало во кое се огледуваат и Америка и Русија, и тоа огледало не ги разубавува нив. И не е точно дека ние треба да стекнеме идентитет по однос на нив, туку тие стекнуваат идентитет по однос на нас, границата, нешто трето по однос на нив. Треба да се цениме себеси. Многу. А ние се самоунижуваме. Тоа е пораката.

Во текстот споменувате „опасна линија“ меѓу политизацијата исток-запад. За што зборува текстот, каква рефлексија на општеството нуди „Мачкина глава“?
– Веќе кажав: не е исток (Русија) исток по однос самиот на себе, не е исток исток по однос на запад (Америка), туку исток е исток по однос на нас, граничните. Границата е тесна, таа е маргинализирана, ама таа дава идентитет. Истото тоа важи и за запад: не е запад запад по однос на запад или по однос на исток, туку тој станува тоа само по однос на границата што не е ни исток ни запад. А тоа сме ние, Балканот. Во драмата – тоа е непризнаена Македонија.

Како го пишувавте драмскиот текст, дали „Мачкина глава“ тргна од концепт или од конкретни карактери што постепено ја градеа приказната?
– Да, реков: концептот беше „Диво месо“ на Горан, генијалниот Горан. Ја задржав истата „драмска геометрија“, истите конфликти меѓу ликовите, дури еден лик (Симон пијаницата и келнерот) го задржа и истото име. Се разбира, јас тие ликови и конфликти ги „пресадив“ во ова наше време, многу нешта измислив (фикционализирав), но експериментирав: можно ли е „Диво месо“ денес? Како би изгледало? Сакав да бидам за момент Горан, и тоа го направив. Излезе дека не само што „Диво месо“ е можно денес туку дека е и неопходно. Имаме ние уште „диви историски меса“ што уште нè задушуваат. Името со Грција и „братската историја“ со Бугарија се диви меса. Сепак, јас работев уметничко дело, и со Пројковски правиме уметничко дело – театарска претстава, а не политички памфлет. Затоа реков: ова е тешка претстава, не смее да се помине границата меѓу политичките интереси за запад и исток во ниеден момент, не смее да претежне некој тас од вагата. Прашањето е универзално: што ќе прават тие што не се согласуваат ни со едното ни со другото, кои се „граничари“, со свој сосема специфичен идентитет, кои сакаат да живеат нормално и не сакаат да ја урнат границата, како што посакуваат и исток и запад, за да тргнат во присвојување „туѓа територија“ и да го униформираат светот? Ние сме последниот ѕид што ја спречува униформноста на светот, и тоа треба и да останеме.

Дали имаше делови од текстот што се менуваа или доработуваа за време на пробите и како тој процес влијаеше врз финалната форма на претставата?
– Имаше. Јас секогаш барам од артистите да ми кажат дали им е удобно во улогата. Да играш ролја што не ти е удобна е како да носиш неудобни чевли: ќе ти се јават плускавци на душата. И се шегувам: јас сум кројач, како легендарниот скопски кројач „Ангелковски“, кој откако „го напишал текстот“ (го скроил костумот), мора да прави поправки, да стесни ракав, да попушти во половината, да сошие уште некое копче. Менувавме и мислам дека тоа на претставата ќе дејствува исклучително поволно.

Колку актерската екипа се совпадна со вашите ликови, кои вие првично ги креиравте во ворд-документ? Дали препознавте во нив токму такви карактери какви што ги создававте додека го пишувавте текстот или, пак, ве изненадија со нови интерпретации?
– Актерската екипа е генијална. Некои природно личеа на она што го замислував додека пишував, некои воопшто не. Но ова е навистина актерска екипа за уметнички инфаркт. Многу верувам во нив, многу ги сакам, и навистина заслужија текст во кој ќе покажат какви „ѕверчиња“ од артисти се кријат во нив.

Какво е чувството за вас како автор кога за првпат ќе го видите текстот како целосен сценски производ? Дали „Мачкина глава“ се трансформираше на сцената на Драмски како што ја замислувавте додека ја пишувавте?
– Не сум ја видел уште претставата, намерно. Не сакам. Досега, за секој мој претходен текст одев на сите проби, наѕирав, контролирав. По првата читачка проба на „Мачкина глава“ сфатив дека треба да ги оставам луѓето да си работат. Се разбравме што сакаме. Видов со кого си имам работа, со врвни професионалци, и реков – ќе дојдам на премиерата. Освен тоа, мојата доверба во Пројковски е таква што само нему би му дозволил, додека јас спијам преморен од пишување, да заврши мој расказ или драмски текст. А таква доверба имам и во екипата. Мислам дека тоа е доволно да направиме нешто што се прави само еднаш, како што велеше Петре М. Андреевски.