Практика е организаторот на вакви големи настани да испраќа повеќе покани до државите бидејќи не е запознаен во целост со агендите на тамошните политичари, па за да не се случи државата да остане без ниту еден претставник, се канат сите од највисокиот ешалон, а за одлуката кој од нив ќе оди се координира државниот врв

Македонија застапена со три делегации
на безбедносната конференција во Минхен

Вообичаена дипломатска практика на големите меѓународни настани и конференции е државата да ја застапува или претседателот или премиерот, како носители на највисоките државни функции и како репрезенти на единствената државна надворешна политика.
Сепак, последната безбедносна конференција што изминатите денови се одржа во Минхен покажа дека за Македонија дипломатските практики не важат, па на овој голем настан присуствуваа и претседателот на државата Стево Пендаровски и техничкиот премиер Талат Џафери. Во исто време таму беше и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Сето ова говори за еден несериозен пристап на политичките функционери во земјава, кои како да водат лична надворешна политика и се натпреваруваат кој повеќе ќе се истакне на одреден настан, отколку да се турка единствена надворешна политика во интерес на државата и на граѓаните.

Демонстрација на институционален паралелизам

Истовременото присуство на тројца високи македонски функционери на безбедносната конференција во Минхен фрла и лоша дамка врз имиџот на земјата пред очите на меѓународната заедница, од каде што со право се прашуваат колку надворешни политики има една мала земја како Македонија или дали унитарната Македонија функционира како таква или карактерот на државата де факто е променет?!
Дополнително, присуството и на претседателот и на премиерот во ист момент на истата безбедносна конференција само ја потврдува фактичката состојба во државата, за постоење институционален паралелизам својствен за федералните држави.
Реагираше и опозицијата, која смета дека со двојното презентирање на државата, всушност, Македонија станува земја за потсмев.
– Сериозни теми, сериозен протокол со присуство на делегации од многу држави, но само една делегација личи на раштиман оркестар – за жал, тоа е македонската делегација. Имено, според дипломатските правила, една држава на меѓународна конференција не може истовремено да ја претставуваат и претседателот на државата и премиерот, бидејќи и двајцата го имаат највисокиот ранг – шеф на држава и шеф на влада. Како шеф на делегацијата оди или претседателот или премиерот, но никако двајцата заедно. Во случајот со Македонија, на конференцијата во Минхен, присутен е и претседателот Пендаровски, а истовремено таму е и техничкиот премиер Талат Џафери. Двајцата имаат по неколку соработници во нивна придружба. Згора на тоа, со група свои соработници таму е и министерот за надворешни Османи, оној што би требало да му укаже на премиерот дека двоглави делегации на една иста конференција не праќаат ниту државите што служат за потсмев на меѓународната сцена – напиша на социјалните мрежи Антонио Милошоски, пратеник од опозициските редови.
Според него, оваа дипломатска грешка го открива непознавањето на протоколот од страна на техничкиот премиер, но истовремено е и недомаќинско трошење на парите на граѓаните.
Од друга страна, Владата не гледа ништо спорно што и претседателот на државата Стево Пендаровски и премиерот Талат Џафери присуствуваат истовремено како дел од делегацијата на Минхенската безбедносна конференција, бидејќи, како што велат, организаторот испратил повеќе покани.
– По прифаќањето и дефинирањето на делегациите, истите тие беа во постојана комуникација и координација, за сите сегменти, вклучувајќи го и најважниот сегмент, а тоа се државните позиции и државниот интерес. Напоменуваме дека ова не е прво учество на земјата на Минхенската безбедносна конференција, ниту првпат делегацијата да е составена од повеќе членови. Дополнително, С. Македонија не е единствена држава претставена од делегации од повеќе институции, напротив – повеќето делегации се со повеќе членови, што лесно се проверува преку официјалните канали на организацијата – се додава во владиното соопштение.

Присуството на тројца високи претставници укажува на некоординираност или пак некој сака да покаже дека постојат паралелни извршни власти / Фото: CGTN

Не значи дека сите поканети треба да одат

Практика е организаторот на вакви големи настани да испраќа повеќе покани до државите бидејќи не е запознаен во целост со агендите на тамошните политичари, па за да не се случи државата да остане без ниту еден претставник, се канат сите од највисокиот ешалон, а одлуката кој ќе оди ја носи државниот врв.
– Нормално е организаторите да испратат покани и до претседателот на државата, до премиерот, до министерот за надворешни и до други луѓе, бидејќи не знаат каков е нивниот распоред во предвидениот период, но тоа не значи дека сите што добиле покани дека треба да одат. Може да се случи претседателот на државата во тој момент да има претходно договорена посета или, пак, премиерот можеби да е на некакво службено патување, така што покани се испраќаат до сите, но начелно пожелно е една делегација да појде како репрезент на македонската политика и ставови што претходно тука заеднички ќе ги утврдат и усогласат. Во вакви времиња, кога народот одвај врзува крај со крај, непотребно е да се трошат толку буџетски пари за сите делегации, кои воопшто не се мали – велат познавачи на дипломатските протоколи.
Според нив, трите македонски делегации во Минхен дефинитивно оставаат негативен впечаток кај странците.
– Теми на конференцијата во Минхен беа руската агресија врз Украина и конфликтот на Блискиот Исток, така што македонскиот став околу овие прашања можеше да го изнесе или претседателот или премиерот, но не мораше двајцата. Вака излегува дека во земјава се водат две политики, дека постои еден вид институционален дуализам, кој сѐ повеќе доаѓа до израз – посочуваат соговорниците.
Професорката Мирјана Најчевска прашува по кој основ техничкиот премиер се шета низ светот кога нема мандат за такво нешто.
– Според членот 43 од Законот за влада сто дена пред одржувањето на избори за пратеници, Собранието на Република Македонија ќе избере преодна Влада за спроведување на изборите.
Значи тоа не е вистински премиер, туку наменска функција измислена во период на рушење на еден режим која вештачки се одржува исто како и Охридскиот рамковен договор.
По кој основ Џафери се шета по светот, лажно се претставува и ги троши парите на граѓаните – прашува професорката Најчевска.
Аналитичарот Синиша Пекевски истакнува дека со она што го направиле нашите делегации на Минхенската безбедносна конференција, всушност ја покажале вистинската слика на земјава.
– Минхенската конференција го покажа хаосот во кој се наоѓа државата и не двојноста, туку ја покажа вистинската слика за Македонија. Секој си прави што сака, како сака и на свој начин. И после се прашуваме зошто ЕУ не нѐ прима во членство. Со кого да разговара? Кој е претставник на Македонија? Сѐ додека не се изгради стратегија за државност и црвени линии, ние само ќе си играме држава – заклучува Пекевски.