Од ракометното минато (19)

  • Пред својата публика „железничарите“ потфрлија и загубија од колегите од Белград. За конечниот исход пресудно беше поголемото искуство на ракометарите на Железничар

Кога сите очекуваа во вториот настап (трето коло) пред својата публика Работнички да забележи втора прволигашка победа, скопјаните разочараа и загубија од белградски Железничар со 7-9. Но овој пораз не внесе немир во скопскиот тим, зашто објективно белградските „железничари“ имаа квалитетен состав, што се виде и на турнирите што беа организирани пред почетокот на прволигашките настапи. Железничар и во голем ракомет, неколку години порано, беше доминантен и се вбројуваше меѓу најдобрите клубови во државата. Овој пат, иако се работеше за мал ракомет, сепак, она искуство што го имаа играчите од минатото многу им помогна и во „новиот“ спорт, за да го продолжат успешниот од. Интересно е оти на овој натпревар тие уште во почетокот со груба игра сакаа да го испровоцираат домашниот тим. Покрај тоа, како што пишува Славко Матовски во својата книга, тие ги користеле сите оние „белградски мангуплаци“, кои ги разлутиле домашните играчи и публиката. Но спортот е таков, некогаш не се бираат средства за да се стигне до посакуваната цел. Типичен пример за тоа беше токму играта на Железничар во Скопје. Но, нема лутење, секој се снаоѓаа како знае и умее.
Инаку, во овој натпревар, на кој беа постигнати малку голови, најефикасни кај домаќините беа Куновски и Томановиќ, со по два гола.

Бод со Локомотива, за враќање на самодовербата

По двата пораза во првите три кола, малку како да беше разнишана самодовербата кај играчите на Работнички. Но, со оглед на тоа што ова беше само почеток, скопските ракометари беа свесни оти ова не смее да ги обесхрабри и исфрли од колосек, зашто допрва ги очекува еден долг пат. Ова што се случи на стартот беше само опомена или, поарно речено, насока како и тие да се однесуваат во следните мечеви.
Според мислењето на тренерот и на играчите, четвртото коло требаше да биде многу значајно за враќање на самодовербата. Во ова коло во Скопје гостуваше загрепска Локомотива, а првпат откако влезе во Првата лига Работнички требаше да го дочека противникот на импровизираниот терен на Градскиот стадион. Причина за тоа беше зголемениот интензитет на градежните работи околу доизградбата на трибинскиот простор на клупското игралиште. Работите, кои се одвиваа со забрзано темпо, не можеше да бидат прекинати, па затоа мораше да се бара алтернативно решение. Во една ваква ситуација се донесе одлука зад голот пред западната трибина на Градскиот стадион, на борилиштата што беа наменети за атлетските дисциплини скок во височина и фрлање ѓуле, на „црвеницата“ да се постави ракометен терен, се разбира според димензиите како што бараа правилата. Откако се направи тоа – излезе оти и ова алтернативно решение беше добро. Само малку беа изненадени љубителите на спортот, кои овде беа навикнати да гледаат фудбал и голем ракомет, а не и мал ракомет. Но секое чудо, како што вели народот, за три дена. И тоа помина и остана само во сеќавањата.
Од друга страна, новиот амбиент во кој требаше да се одигра натпреварот беше предизвик и за навивачите на Работнички. Близу 2.000 гледачи дојдоа да му дадат поддршка на својот миленик. Ракометарите, пак, знаејќи колку е битен овој меч, собраа сили и со крајни напори изборија реми, 12-12. Иако беше освоен само еден бод, тој, сепак, значеше многу за домаќините, зашто горе-долу ја врати самодовербата и охрабрени ги очекуваа следните дуели.

Две тешки гостувања и два пораза

Следна станица на Работнички беше Бања Лука, каде што ги очекуваше дуелот со разиграниот Борац, екипа што во своите редови имаше неколку репрезентативци. Во домашниот тим немаше ниту една слаба точка. Бековите не само што поставуваа висок бедем пред својот гол туку имаа и силни удари од девет метри. Крилата брзо се отвораа и беа постојано опасност за противничките голмани. На моменти, кога тие тргнуваа во напад, толку брзо стигнуваа до противничкиот шестерец, па противниците имаа мали шанси, речиси никакви за да ги запрат. Сето тоа им беше познато на скопските ракометари, кои, и покрај вложените напори, не успеаја да го запрат домашниот тим. Бањалучаните уште во почетокот најавија голема офанзива, која беше крунисана со уверлива победа со 27-9.
И во следното шесто коло Работнички гостуваше, и тоа повторно во Босна и Херцеговина, но овој пат во Сараево. Таму требаше да ѝ се спротивстават на Млада Босна, тим што по играта и односот на теренот не се разликуваше многу од Борац. Затоа, кај тренерот Матовски владеела голема загриженост. И тој самиот, како што изјави подоцна, не бил сигурен дали да бара максимално ангажирање на играчите или, пак, да ги чува за следниот натпревар против Партизан од Бјеловар во Скопје. Сепак, на крајот се одлучил да се игра борбено и со сите сили. Во таа насока оделе и разговорите со играчите пред самиот меч. И навистина, Славко како да чувствувал оти ќе може да се извлече поволен резултат против Млада Босна и пред почетокот ги советувал своите играчи да не стравуваат, туку храбро да влезат во битка. И навистина така било. Домаќините биле изненадени од тактиката на Работнички и тешко доаѓале во позиција резултатски да се одлепат. Впрочем, и конечниот резултат го покажува тоа, победа на Млада Босна со само еден гол разлика, 18-17.
Меѓутоа, треба да се истакне оти и овој пат судијата бил главниот играч на теренот. По оние жалби за претходниот меч, луѓето од судиската фела како да му пресудиле на Работнички и го зеле на заб. Овој пат загрепскиот судија Плазек бил главниот режисер за конечниот исход.

Со домашни победи бегство од дното

По петте одиграни кола, ситуацијата за Работнички не беше нималку розова. Од прикажаните игри ракометарите не беа незадоволни, но од случувањата и судиските неправди беа разочарани. Сите сметаа оти овој пласман во почетокот не е реален и очигледно беше она што се претпоставуваше и пред стартот дека новајлиите ќе бидат цел не само на староседелците во елитното друштво туку и на судиите. Тие, за жал, иако вложуваа напори и средства, секогаш беа потценувани и на нив не се гледаше како на сериозен противник. Токму тоа ги разлути „железничарите“, кои на состанокот пред двете домашни средби сите до еден дале збор дека ако треба, ќе „изгорат“, дури и срцето ќе го остават на теренот, само да покажат оти неправедно беа потценети. Едноставно, ќе се борат и против ривалите, а и против делителите на правдата, кои безмилосно судеа на нивна штета.
Во наредните две кола во Скопје требаше да гостуваат два тима со исто име, Партизан, едниот од Бјеловар, а другиот од Лесковац. Сите беа свесни оти ќе биде тешко, но исто така знаеја дека ако не успеат, лошо им се пишува. Тогаш сите ќе сфатат оти навистина местото не им е во Првата лига. Тоа им беше речено и од луѓето што го водеа клубот, па и тоа како да ги разлути.
Конечно дојде денот за пресметка со Партизан од Бјеловар. Инаку, овој град заедно со Загреб беше центар на ракометната игра, не само во Хрватска туку и во поранешна Југославија, што се потврдува и со фактот оти оттука беа регрутирани голем број квалитетни ракометари и државни репрезентативци. Но за Работнички, со оглед на ситуацијата во која се најде, со само една победа и едно реми во шесте одиграни кола, немаше друг избор освен да се оди на победа. Во градот завладеа вистинска ракометна треска, сите коментари во спортот се однесуваа на ракометарите на Работнички, дури беше подзаборавен и ФК Вардар. Овој пат сите беа свесни оти на тимот на Матовски многу му е потребна помошта од нив, гледачите. Новоизградените трибини уште пред почетокот на средбата беа исполнети, а утредента во извештајот во „Нова Македонија“ се споменуваше рекордна бројка од 3.000 гледачи.
Охрабрени од одличната игра, и покрај поразот од Млада Босна во претходното коло во Сараево, скопјаните, поддржани од публиката, просто летаа по теренот. Се разиграа, покажаа заби и му најавија на противникот оти овде нема што да бара. Во таа фуриозна игра никој не можеше да го запре скопскиот тим. Се доби впечаток дека дури и да беше и некоја посилна екипа од бјеловарски Партизан, не ќе можеше ништо да стори. Работнички победи со 26-16, резултат што звучеше симпатично за симпатизерите на скопскиот тим. И не само тоа, резултатот беше мотив повеќе пред следната средба во Скопје, против Партизан од Лесковац. И на овој натпревар Работнички беше доминантен и во ниеден момент не му дозволи на гостинот да дојде до израз и евентуално да се закани. Скопјаните забележаа висока победа, 21-12, и без некои надежи го очекуваа последниот натпревар од првиот дел во Белград, во кој беа поразени од Црвена звезда со 15-9. Потоа дојде време за зимската пауза и за анализа на оствареното. Со неа и јас ќе се позанимавам, а исто така ќе опишам некои интересни работи што се случуваа во нашиот прволигаш меѓу есенскиот и пролетниот дел од шампионатот.