Американскиот нафтен парадокс и обликувањето на „нафтениот“ Балкан
Американскиот нафтен парадокс, имено истовремен извоз и увозна зависност, не останува ограничен на релацијата САД–Европа. Тој преку европскиот енергетски систем се прелева и врз Балканот, каде што чувствителноста на пазарите е многу поголема, а инфраструктурната флексибилност историски послаба.
Во ваква средина, секое поместување во глобалната понуда на нафта се рефлектира побрзо и поостро. Но истовремено последните години носат и спротивен тренд, а тоа би било постепена стабилизација на снабдувањето и намалување на екстремните ценовни шокови. Како тоа?
Балканот меѓу зависноста и подобрената логистика
Балканските земји традиционално зависат од увоз на нафтени деривати преку ограничен број правци и доставувачи. Тоа ги прави чувствителни на глобални ценовни скокови, на нарушувања во транспортните синџири и на регионални геополитички тензии.
Но американската нафтена експанзија, заедно со европската диверзификација по руската криза, создаде поширока и пофлексибилна мрежа на снабдување. Во таа мрежа, Балканот добива пристап до повеќе извори, но и до поинтензивна конкуренција меѓу снабдувачите.
Македонија како специфичен случај на регионална стабилност
Во рамките на регионот, Македонија во последно време се издвојува како пример за релативно стабилен и добро организиран систем на снабдување со нафтени деривати. Клучни елементи на оваа стабилност се постојниот продуктоводен систем и логистичка поврзаност, потоа диверзифицирани канали на увоз, како и стабилно домашно складирање и резерви. Во практична смисла, ова резултира со две важни предности, и тоа како прво континуирано снабдување без значајни прекини, како и релативно ниски цени во споредба со дел од соседните пазари.
– Ситуацијата со снабдувањето со нафта во Македонија е стабилна и може да се каже дека сме во најдобра положба во регионот. Државата има нафтени резерви за 62 дена, додека компаниите имаат сопствени резерви за пет дена, во согласност со законот. Снабдувањето преку нафтоводот во Солун е постојано и не може да биде прекинато, со што сега користиме 40 отсто од неговите капацитети, а со негова неколкучасовна работа се добива значително количество нафта. Во однос на нафтениот туризам што се спомнува деновиве, станува збор за незначително количество нафта што се продава кај соседите и нема никакво влијание врз општата состојба – велат претставници од бизнис-заедницата упатени во нафтеното снабдување во Македонија.
Планирање на резервите како стратешка заштита
Еден од најзначајните фактори во македонскиот енергетски систем во врска со нафтата е постоењето на државни и комерцијални резерви што покриваат околу 60 дена потрошувачка. Во услови на глобална нестабилност, ова претставува клучен „тампон“. Таквиот сериозен однос на надлежните овозможува континуитет на снабдување и дава време за реакција во случај на криза, но и дава простор да се амортизира ефектот од преголеми ценовни скокови. Ова, во споредба со некои соседни земји, каде што резервите се пократки или логистички поранливи, ја позиционира Македонија во релативно поволна состојба.
Фактот дека Македонија има една од најниските цени на горивото во регионот не произлегува тукутака, од магична „изолација од глобалниот пазар“, туку од комбинација на планирани мерки на Владата, кои засега покажуваат релативно ефикасни резултати. Но важно е да се нагласи дека оваа предност не е фиксна и вечна. Сепак, цената по многу нешта зависи од глобалните текови, кои во голема мера се обликувани од американската извозна моќ и европската побарувачка на нафтата.
Индиректниот ефект на американскиот нафтен парадокс
Иако Македонија не е директно поврзана со американскиот нафтен систем, ефектот е индиректен, но реален. Американската способност да извезува големи количества нафта во моменти на криза ја стабилизира глобалната понуда, засега спречува екстремни скокови на цените и овозможува Европа да остане снабдена без прекини А преку Европа, таа стабилност се пренесува и на Балканот. Во суштина, Македонија не е корисник на американската нафта, туку на американската способност да ја стабилизира глобалната енергетска мрежа.
Балканот, а особено Македонија, денес функционира во енергетски систем што е глобален по логика и регионален по последици. Американскиот парадокс – истовремена извозна сила и увозна зависност – индиректно придонесува за стабилноста на овој простор, преку Европа како посредник. Македонија во таа структура моментално се наоѓа во релативно поволна позиција со сигурно снабдување, конкурентни цени и стратешки резерви.
Но, истовремено, таа стабилност не е автономна. Таа е дел од поширок систем во кој балансот се одредува далеку од регионот, и тоа во американските нафтени басени, европските рафинерии и глобалните танкерски рути.
И токму тука се гледа вистинскиот заклучок. А тоа би било дека во 21 век енергетската сигурност ретко е локален феномен. Таа е резултат на глобална геополитичка равенка во која секоја мала економија е само една точка во голема мрежа. Е.Р.
































