Промовирана едицијата „Порта Европа“, во издание на „Арс ламина“.
Книжевната едиција „Порта Европа“ се состои од шест извонредни книжевни дела од европски автори, кои зачекоруваат во македонскиот книжевен контекст со својот најпретставителен патен документ – Европската награда за книжевност што ја доделува Европската Унија. Се работи за книгите „Кожата е еластичната обвивка што го опфаќа целото тело“ од Бјорн Расмусен, „Градина од стакло“ од Татјана Цибуљак, „Приказна за духовите“ од Лаура Фројденталер, „Почитувани бубачки и други морничави приказни“ од Маша Колановиќ, „Лекцијата на месечарот“ од Фредерико Педреира, „Книга за тагата (Приказна за Нилс во шумата)“ од Марија Наваро Скарангер.
Модераторки на настанот ќе бидат Бисера Бендевска и Оливера Ќорвезироска, уреднички на книгите што се дел од „Порта Европа“, а меѓу учесниците ќе ги видиме и Дејан Василевски (преведувач од хрватски јазик на „Почитувани бубачки и други морничави приказни“), Ермис Лафазановски (преведувач од романски јазик на „Градина од стакло“), Искра Бадева (преведувачка од дански јазик на „Кожата е еластичната обвивка што го опфаќа целото тело“ и на превод од норвешки јазик на „Книга за тагата (Приказна за Нилс во шумата)“, Андреј Лавчански (дизајнер на корицата за „Градина од стакло“) и Лара Маринковиќ (дизајнерка на корицата за „Приказна за духовите“).
Сите шест прозни дела во себе носат приказна од сопствениот културен контекст, а истовремено меѓусебно се допираат во интроспективните аспекти и отсликувањето на внатрешните борби на носечките ликови. Некои се обидуваат да ги прифатат и да ги оправдаат својата различност и посебност, прикажувајќи ја во прво лице и ударно мачнината на себеприфаќањето. Други, пак, на себе својствен начин се соочуваат со личната загуба и со отсуството. Трети се обидуваат да излезат од сопствениот кафез на паранојата од изневерувања, четврти растат со растењето на нивните проблеми итн. Приказните од оваа едиција се проткаени со нишка од опачината на најубавите плетки – додека од лицето на текстот читаме и уживаме во стилскиот раскош, истовремено се заплеткуваме во испуштените конци на совршената книжевна плетка. И тоа ги прави овие прози достојни за големото книжевно признание.
Објавувањето на оваа едиција, исто така, е засновано на еколошка заднина и во насока на ублажување на економските ефекти од рестрикциите предизвикани од пандемијата на ковид-19 врз издавачкиот сектор, преку соработка со чинители од синџирот на книгоиздателството на домашниот пазар.