Роберт Бадентер кај нас ќе остане запаметен со неговото претседавање со Арбитражната комисија за поранешна Југославија, таканаречената „Бадентерова комисија“, со која на 11 јануари 1992 година јасно беше кажано дека Република Македонија ги исполнува условите за да биде признаена како независна држава. Од друга страна, исто така, името на Бадентер се поврзува и со конфликтот од 2001 година, со инвентивното ад хок правно решение за таканареченото „Бадентерово (двојно) мнозинство“. Тој инструмент, потоа, домашните уште поинвентивни политичари го толкуваа и го направија толку растеглив и да се однесува на повеќе општествени области, што направија „наместо ред и владеење на правото во државата, да има неред, закочување или блокирање на одлучувањето и ’владеење на политикантството‘“

Замина и Роберт Бадентер: Почина човекот чија комисија прогласи дека Република Македонија ги исполнува условите за да биде признаена како независна држава

Роберт Бадентер кај нас ќе остане запаметен со неговото претседавање со Арбитражната комисија за поранешна Југославија, таканаречената „Бадентерова комисија“, со која на 11 јануари 1992 година јасно беше кажано дека Република Македонија ги исполнува условите за да биде признаена како независна држава. Од друга страна, исто така, името на Бадентер се поврзува и со конфликтот од 2001 година, со инвентивното ад хок правно решение за таканареченото „Бадентерово (двојно) мнозинство“. Тој инструмент, потоа, домашните уште поинвентивни политичари го толкуваа и го направија толку растеглив и да се однесува на повеќе општествени области, што направија „наместо ред и владеење на правото во државата, да има неред, закочување или блокирање на одлучувањето и ’владеење на политикантството‘“.

Потсетување на 2007 година, кога Македонија го одликува Роберт Бадентер со орденот „8 Септември“ во Париз

Просториите на македонската амбасада во Париз беа претесни во октомври 2007 за да ги соберат сите оние што сакаа да присуствуваат на врачувањето на орденот „8 Септември“ на Роберт Бадентер од страна на тогашниот претседател на Република Македонија, Бранко Црвенковски. Во таа пригода тогашниот македонски претседател изјави дека Бадентер придонесе во два клучни момента од историјата на Македонија – во периодот на осамостојувањето и меѓународното признавање на земјава и во 2001 година, со заложбите за уставните измени и воспоставување стабилност и мултиетнички соживот во државата.
– Токму во времето кога многумина имаа резерви во однос на потенцијалите за опстојување на новата држава на меѓународната сцена, пристигна мислењето од највисокиот правен авторитет, кој со силата на аргументите го постави фундаментот на кој беше поставена државата – нагласи Црвенковски, потсетувајќи дека Бадентер беше присутен и десет години подоцна, кога Македонија беше соочена со сериозна криза и голема меѓуетничка недоверба.
Роберт Бадентер со голема скромност рече дека ова одликување за него лично претставува знак на пријателството.
– Многу повеќе му го посветувам на принципот на правото отколку лично себеси. Бидејќи тоа што претседавав со Арбитражната комисија за време на мировната конференција за поранешна Југославија е игра на случајот.
За препораката, која оваа комисија ја даде за легитимното признавање на Република Македонија, Бадентер нагласи:
– Таа беше само одраз на правните принципи, кои во тој момент петте члена на Арбитражната комисија, сите претседатели на уставни судови, праведно ја донесоа! Затоа реков дека ова одликување го заслужува правото, а не неговиот скромен толкувач!

Бадентер за иднината на Македонија

Што се однесува за иднината на Република Македонија, Роберт Бадентер тогаш беше јасен:
– Иднината на Македонија, се разбира, се запишува во рамките на Европската Унија. Знам дека патот е тежок. Но затоа ќе се послужам со девизата на големиот ред на Језуитите, чие учење не сум го следел – Per aspera, ad astra! („преку трње до ѕвездите)“
Во таа пригода имав можност да му го направам едно од ретките интервјуа на Роберт Бадентер дадено за македонски новинари.


Бадентер: Кога Арбитражната комисија го даде своето мислење, таа не го направи тоа за да му причини задоволство на македонскиот народ! Таа го направи тоа бидејќи тоа беше израз на правото

Господине Бадентер, вие сте првиот странски државјанин што е одликуван со орденот „8 Септември“. Што претставува за вас ова одликување?
– Многу голема чест. Многу убаво го сфаќам значењето на ова одликување. Од моја страна, во него гледам истовремено симбол на раѓањето или преродбата на Република Македонија, како и јасно признавање не на придонесот туку на препораката што ја направив за потребата за нејзина независност. За еден странец, за еден пријател на Македонија, мислам дека има многу малку почести што можат да се споредуваат со оваа.
Господине Бадентер, вашето име секогаш ќе биде поврзано со историјата на Македонија. Најпрво, вие претседававте со Арбитражната комисија што даде позитивно мислење за меѓународното признавање на Македонија. Потоа во 2001 година вие дадовте придонес со ваш труд за уставните измени на земјата. Што значи тоа за вас како политичар и како човек?
– Сѐ што може да придонесе за да се зацврсти правната држава во целиот свет и особено во Европа. Потоа, признавањето на правата, како тие на Македонците за постоењето на Македонија. Сѐ што подготвува една поправедна и дефинитивно пацифирана и посолидарна иднина за Европската Унија и европскиот континент пошироко, сѐ е добро. И ако во таа област сум придонел, тоа е добро, јас сум задоволен. Тоа се случува во еден значаен момент на европската историја и јас сум длабоко европски определен. Кога ме прашуваат да се определам што сум, јас со насмевка велам: „Еден европски Французин или Европеец од Франција од втората половина на дваесеттиот век“. Првата половина повеќе сакам да ја заборавам. Тоа што ми се случува во дваесет и првиот век ми е дадено да го живеам отповеќе.
Петнаесет години по независноста на Македонија, пет години по рамковниот договор, каква иднина гледате за ова мала балканска република?
– Многу едноставна и многу јасна. Зачленување во Европската Унија колку што е можно побрзо. Не прашувајте ме за датуми, ќе бидам неспособен да ги прецизирам.
Кај нас во Македонија повеќе сте познати поради вашата работа во Арбитражната комисија, но вие во светот повеќе сте познати пред сѐ поради вашата борба за укинување на смртната казна. Вие бевте иницијатор и бранител на законот со кој смртната казна беше укината во Франција пред дваесет и пет години. Вие бевте министер, претседател на Уставниот совет, денес сенатор, која борба ја водите денес?
– За момент сакам да се вратам наназад. Вие знаете дека ако беше само претседателството со Арбитражната комисија и мислењето што таа го даде, немаше да го прифатам одликувањето. Колку и да е тоа значајно и скапоцено да се прими.
Кога Арбитражната комисија го даде своето мислење, таа не го направи тоа за да му причини задоволство на македонскиот народ! Таа го направи тоа бидејќи тоа беше израз на правото. Ниту еден судија и правник не смее да се стави во ситуација да помисли дека некому му направил услуга. Не. Во ниту една секунда, ниту претседателот Херцог, ниту другите членови на комисијата не рекоа: „Ааа, не, нема да го сториме тоа за да им направиме задоволство на Македонците“. Напротив, нашата задача беше да се почитува правото. Значи, правејќи го тоа, никој од нас не заслужува одликувања.
Но затоа, пак, мојата постојана приврзаност што ја имам кон Македонија: средби, совети што ми се случило да му ги давам на претседателот Глигоров по независноста, постојаните врски со Владата на Македонија… Вие имавте љубезност да споменете што се случи за време на кризата и уставните промени, ова, според мене, може да го оправда одликувањето. Тоа сакав да го нагласам.
Ме прашувате која борба ја водам денес, сѐ додека има животен здив еден правник, достоен да го носи тоа име во Европа, треба да се бори за суштинските работи. Кои се тие суштински работи – тоа се напредокот на правото и хуманизацијата на правдата. За напредокот на правото нема да инсистирам, последниве години со сите мои пријатели се борев за воспоставување меѓународни судски институции задолжени да ги казнуваат злосторствата против човештвото. Тоа беше случај како за поранешна Југославија така и за Руанда, како и сега со Меѓународниот кривичен суд од Хаг.
Во моментов додека зборуваме водам две борби. Првата е постојана, таа го обележа целиот мој живот – универзалното укинување на смртната казна. Од пред дваесет и пет години е постигнат голем напредок во светот.
Втората е за хуманизацијата и подобрувањето, најнапред во Франција, а потоа и насекаде на европскиот континент на затворите. Сметам дека едно општество се суди според начинот на кој се однесува кон своите затвореници. Во тој поглед не сум задоволен со тоа што се случува во Франција и многу други земји на европскиот континент и пошироко се во иста ситуација. Тоа е борбата што ја водам во моментов.
Господине Бадентер, ви благодариме многу и дозволете ми од името на македонските граѓани да ви посакам да ги водите колку што е можно подолго вашите праведни борби, кои се и наши.
– Тоа ќе ме направи бесмртен!
На еден начин, вие сте веќе бесмртен во македонската историја.
– Ќе биде прекрасно ако можам да живеам сѐ додека постојат праведни борби, од тој поглед сум осигуран за мојата бесмртност.


Бадентер ја гледаше иднината на Македонија во рамките на Европската Унија

За препораката на Арбитражната комисија, за легитимното признавање на Република Македонија, Бадентер, како што веќе рековме, нагласуваше дека „таа одлука беше само одраз на правните принципи“, кои во тој момент петте члена на Арбитражната комисија, сите претседатели на уставни судови, праведно ја донесоа. Но, за жал, Европската економска заедница, сега Европската Унија, не ја испочитува.
– Кога Арбитражната комисија го даде своето мислење, таа не го направи тоа за да му причини задоволство на македонскиот народ. Таа го стори тоа бидејќи, според нас, беше израз на правото. Ниту еден судија или правник не смее да се стави во ситуација да мисли дека некому му направил услуга. Да се каже правото, тоа беше нашата задача – вели Бадентер и додава:
„Наша задача беше да сториме сѐ што може да придонесе за зацврстување на правната држава во целиот свет и особено во Европа, потоа, признавањето на правата, како тие на Македонците, за постоењето на Македонија, сѐ што на тој начин подготвува за Европската Унија… И ако сум придонел во таа област, тоа е добро, јас сум задоволен. Би рекол дека тоа се случи во значаен момент на европската историја, јас сум длабоко европски определен човек.“
Бадентер ја гледаше иднината на Македонија во рамките на Европската Унија.
– Таа е многу едноставна и многу јасна. Зачленување во Европската Унија колку што е можно побрзо. Не прашувајте ме за датуми, нема да можам да ви одговорам со точност.


Бадентер за „Бадентеровиот принцип“: Тоа не е решение, бидејќи ризикува да ја парализира администрацијата и да создаде групи со сите привилегии и предности

пријателски односи со македонските политичари доведоа тој да биде повикан да даде уставни совети за излез од конфликтот во кој се најде Македонија во 2001 година. Бадентер ги даде своите совети, но потоа на некој начин се повлече од она што денес му се припишува како заслуга во Македонија, а тоа е „двојното мнозинство“ или таканаречениот „Бадентеров принцип.“
Во интервјуто за париски „Ле монд“, објавено во летото 2001 година, тој објаснуваше дека кога во 2001 година ја посетил Македонија и на 26 и 27 јуни 2001 г. се сретнал со главните политички раководители, јасно ставил до знаење дека „не сака да го замени законодавачот“. Откако ги сослушал тогашните македонски лидери, Бадентер јасно им рекол дека изгледа „невозможно да се практикува“ „консензуална демократија“, бидејќи, според него, „консензусот ништо не решава.“ Бадентер во таа пригода објаснил дека правилото на консензус го забранува владиното раководење на една земја, која се наоѓа во тешкотија.
„Консензусот е да им се препушти власта на малцинствата. Тоа не може да функционира и потребно е да се бараат нови форми на задоволувања на легитимните барања“. А тоа, според Бадентер, е можно преку димензијата на локалната, многу децентрализирана демократија, која тој ја нарекува „блиска демократија“. Односно за да се задоволат барањата на албанското малцинство, тој посоветувал Македонија да ја развива директната демократија, која ќе ги задоволи длабоките потреби на граѓаните и притоа да се внимава да не дојде до дискриминација на малцинствата на локално ниво.
Во тој дел Бадентер смета дека бил разбран во Македонија, но во однос на сегашниот „Бадентеров принцип“ и процентуалната застапеност на малцинствата во администрацијата, тој уште пред десет години оцени дека: „Тоа не е решение, бидејќи ризикува да ја парализира администрацијата и да создаде групи со сите привилегии и предности наместо да создаде еден заеднички народ, една заедничка нација. Етничкиот пристап ризикува да го влоши она што, всушност, треба да се надмине“.
Бадентер тогаш сметаше дека антидискриминаторските мерки треба да бидат водечките заедно со легитимните барања за образование. Затоа не случајно, при неговото одликување со орденот „8 Септември“ во 2007 година, тој ги кажа овие зборови:
„Секогаш кога ќе можам да ѝ бидам од корист на Македонија ќе го направам тоа, па дури и со измислување нови уставни норми, за кои со задоволство научив дека го носат моето презиме – таа за двојното мнозинство, кое е многу сложено учење резервирано за семинарите на правните факултети.“

Тони Гламчевски, специјално за „Нова Македонија“ од Стразбур