Врз основа на раните пријави за приходите на клубовите, се очекува приходите да пораснат на над 26 милијарди евра во финансиската 2023 година, а во извештајот се додава дека и покрај пандемијата, приходите на европските фудбалски клубови пораснале со стапка од повеќе од една милијарда евра годишно помеѓу 2013 и 2023 година, пишува УЕФА

ФУДБАЛ – ИЗВЕШТАЈ НА УЕФА

Европската фудбалска унија (УЕФА) го објави новиот извештај за европските клупски финансии и инвестиции, за одредување лиценци за европскиот клупски фудбал, објави УЕФА. Интересот за европскиот фудбал никогаш не бил толку висок, рекордите на посетеност беа соборени низ Европа, пошироките финансии го одразуваат ова, при што сите текови на приходи растат брзо, а вкупните приходи во 2023 година ќе растат со рекордно темпо, пишува УЕФА.
Извештајот покажува дека приходите на клубовите од првите лиги достигнаа рекордно ниво од нешто помалку од 24 милијарди евра во финансиската 2022 година и покрај некои долготрајни влијанија од пандемијата на коронавирусот.
Врз основа на раните пријави за приходите на клубовите, се очекува приходите да пораснат на над 26 милијарди евра во финансиската 2023 година, а во извештајот се додава дека и покрај пандемијата, приходите на европските фудбалски клубови пораснале со стапка од повеќе од една милијарда евра годишно помеѓу 2013 и 2023 година, од 15 милијарди евра до проектираните 26 милијарди евра, пишува Европската фудбалска унија.
– Успехот на европскиот фудбал е изграден на отворени натпревари, спортска извонредност и единство во рамките на европската фудбалска пирамида. Тој произлегува од натпреварите на теренот и од здравото ривалство, кое оди подалеку од полето за игра и се заснова на спортски заслуги и солидарност, основата на играта. Овој модел ја нагласува важноста на приходите генерирани на врвот на фудбалската пирамида за да се одржи нејзината база на ниво на младински категории и да се обезбеди многу потребното финансирање за да се поттикне нејзиниот раст. И пејзажот за финансии и инвестиции на европските клубови е вистински доказ за улогата на УЕФА во нејзиното одржување. Овој извештај прикажува јасна визија за иднината – визија за стабилност, сила и тековна успешна приказна, која мора да продолжи да им припаѓа на многумина, а не на малкумина – вели претседателот на УЕФА, Александер Чеферин.

Извештајот на Европската фудбалска унија покажува дека 93,5 отсто од приходите на Европската фудбалска унија за клупските натпреварувања се влеваат назад кон клубовите учесници, а другите 6,5 проценти се реинвестирани во т.н. финансирање за младински категории за аматерската игра на национално ниво.
Исто така, се наведува дека во текот на изминатата деценија, приходите од натпреварите на Европската фудбалска унија се зголемени за неверојатни 122 проценти.
Извештаите забележуваат дека платите на клубовите значително се зголемија во текот на пандемијата и покрај изгубените приходи и депресивниот пазар на трансфери во периодот 2020-2021 година, пишува УЕФА.
– Постојат знаци дека соработката на засегнатите страни и новите регулативи веќе имаат ефект. Соочени со засилени контроли, предводени од Европската фудбалска унија, на трошоците на тимовите, во најновите бројки има силни знаци дека клубовите прават сметка и се обидуваат да ги стават под контрола нивните трошоци. Во 2023 година, платите на играчите се зголемија за помалку од еден процент, што е најниско ниво на раст досега, што придонесе за ребалансирање на односот плати/приходи за многу клубови – вели Андреа Траверсо, директор за финансиска одржливост и за истражување во Европската фудбалска унија. Н.М.