Од Македонија на изложбата во Сараево учествуваат уметниците Дарко Алексовски, со серија дела насловени „И планините продолжуваа да ветуваат“, и Нада Прља, со инсталацијата создадена од девет слики, под наслов „Се родив да летам III“ и „Умвелт“, интервенција врз постојна музејска витрина
„Уметнички позиции за загрозениот биодиверзитет и соживот на видовите“ е насловена изложбата, придружена со симпозиум на истата тема, отворена во Националниот музеј на Босна и Херцеговина во Сараево, на која учествуваат и македонски уметници.
– Во срцето на Босна и Херцеговина, во планинскиот појас Враница, живее босанскиот планински тритон – вид водоземен лазач, кој се смета за загрозен вид. Националниот музеј на Босна и Херцеговина е во процес на изградба на вивариум за екс ситу заштита на овој вид. Музејот планира да обезбеди континуирано постоење на овој вивариум со цел да се заштити овој вид ако навистина изумре во неговото природно живеалиште. Босанскиот планински тритон и планираниот вивариум се појдовни точки за оваа изложба на современи уметнички дела во рамките на Природонаучниот оддел на Националниот музеј во Сараево. Осумнаесет уметници и уметнички групи од Централна и од Југоисточна Европа претставуваат дела што се изложени на пресекот помеѓу природата, човековата активност и различноста (на видовите) наспроти загрозените форми на живот во антропоценот. Со оваа поставка во Природнонаучниот оддел на Националниот музеј, уметничките практики директно се поврзуваат со научни референци – се вели во најавата за изложбата.
Од Македонија во проектот учествуваат уметниците Дарко Алексовски, со серија дела насловени „И планините продолжуваа да ветуваат“, и Нада Прља, со инсталацијата создадена од девет слики, под наслов „Се родив да летам III“ и „Умвелт“, интервенција врз постојна музејска витрина.
Покрај Алексовски и Прља на изложбата учествуваат и уметниците: Ламија Чехајиќ, Анита Фукс, Теута Гатолин, Ернст Кослич, Полонца Ловшин, Рало Мајер, Едит Пајер, Ирена Лагатор Пејовиќ, Лала Рашчиќ, Оливер Реслер, Иван Шуковиќ, Адриен Ујхази / Немања Миленковиќ, Ана Васоф, Дриант Зенели и Дардан Жегрова. Куратори на изложбата се Маргарете Маковец и Антон Ледерер.
Составен дел од проектот е еднодневниот симпозиум, кој ќе се одржи денеска, со гости од областа на визуелните уметности и експерти од областа на природните науки. Нашите ликовни уметници Христина Иваноска и Нада Прља се дел од учесниците на симпозиумот.
– Оваа средба на кустоси и културни работници, уметници и научници, има цел да ја промовира размената во контекст на темата на изложба и проектот на Националниот музеј за заштита на босанскиот планински тритон, и е наменет за пошироката публика – велат учесниците.
Проектот на „Ротор центар за современи уметности“ (Грац, Австрија), нарачан од Одделот за култура на Штаерска по иницијатива на австриското Сојузно министерство за европски и меѓународни работи, е посветен на загрозениот босански планински тритон.
В.Д.