Музејот на современата уметност одбележува 60 години

Оваа година, на 11 февруари, Музејот на современата уметност – Скопје ќе одбележи 60 години од основањето. Со цел одбележување на овој настан и како најава за програмските активности во јубилејната 2024 година, музејот организира дневен настан – матине во сабота, на 10 февруари, со почеток од 12 часот.
– На овој значаен јубилеен ден, ексклузивно по 35 години, ќе биде изложено уметничкото дело „Доблест во нужност“ на познатиот италијански уметник Џанфранко Барукело (1924 – 2023). По катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, уметниците од целиот свет во знак на солидарност започнуваат да подаруваат свои уметнички творби од кои се создава уникатната колекција на музејот. Делото на Барукело, кое е едно од најрепрезентативните донации на нашиот музеј, е конзервирано од стручниот тим на МСУ-Скопје и ќе биде претставено пред јавноста овозможувајќи нови согледби и толкувања – најавуваат од МСУ.

Џанфранко Барукело, италијанскиот сликар, скулптор, перформер, писател, политичар и фармер, кој по земјотресот на Скопје и на МСУ му го подари своето дело „Потребна доблест“ (1963, комбинирана техника на платно, 190х200 см), почина на 98 години во Рим, на 10 јануари 2023 година. Неговото идиосинкратично творештво, кое во многу нешта им претходи на постмодернизмот и релационата естетика, не припаѓа на ниту еден од естетските канони или на современите главни струења, развивајќи го својот интердисциплинарен пристап во комплексни бележења на процепот меѓу вербалниот и визуелниот јазик. Пријателство со Марсел Дишан, кој го сметал за негов вистински наследник, како и неговата соработка и творечка и идејна блискост со Итало Калвино, Умберто Еко, Ж. Ф. Лиотар и Нани Белестрини, учеството во бурните политички настани во 1960-тите години заедно со филозофите Гатари, Ален Жуфре и Лебел, па сѐ до неговата селска екофарма во 1970-тите години во близината на Рим, ја сочинуваат богатата и возбудлива биографија на единствениот Џанфранко Барукело.

На јубилејниот настан ќе биде претставен и најновиот број на списанието за современа уметност, култура и теорија „Големото стакло“ бр.35/36 (2023), насочено кон актуелните дебати во критичката музеологија и во кое се вклучени значајни оригинални прилози, кои се однесуваат на релациите помеѓу критичките музеи, претставувањето на културните различности, практиките на деколонизација, како и музеолошки концепти што ги адресираат и вончовечките простори.

По формалното обраќање, програмскиот дел за настанот вклучува стручно водење низ тековните поставки со кустос-водичката на МСУ, Бојана Јанева. В.Д.