За патните исправи, државата се доведе во ситуација да им ги загрозува човековите права на сопствените граѓани заради спроведување меѓународен (Преспанскиот) договор што го крши меѓународното право
За документите за внатрешна идентификација (личните карти и возачките дозволи), државата најде „соломонско решение“ да ја продолжи нивната важност до издавањето нови. Но што се однесува до прашањето за пасошите (патните исправи), државата се доведе во ситуација да им ги загрозува човековите права на сопствените граѓани, и тоа заради спроведување меѓународен договор (Преспанскиот договор), кој излегува од стандардите на меѓународното право, поточно е во спротивност со меѓународното право
Она на што беше предупредувано уште пред потпишувањето на Преспанскиот договор, за прекршувањето на базичните човекови права на македонските граѓани, сега на функционално ниво конкретно се покажува со редиците за чекање во пунктовите на Министерството за внатрешни работи за издавање лични документи. Од 12 февруари годинава, веќе ќе биде реална состојбата на околу еден-два милиони македонски државјани да им биде „одземено“ правото за користење формално важечки пасоши, поради стапување во сила на одредба од Преспанскиот договор, според кој, патните документи (и другите лични документи) издадени од Република Македонија се меѓународно невалидни. За драматичноста на спроведувањето на и така контроверзниот и сѐ уште неприфатен од граѓаните Преспански договор да биде поголема придонесува и бирократскиот хаос создаден околу техничката невозможност за издавање документи со новото име на државата со географска одредница, до „критичниот рок“ – 12 февруари 2024 година. За документите за внатрешна идентификација (личните карти и возачките дозволи), државата најде „соломонско решение“ да ја продолжи нивната важност до издавањето нови. Но за патните исправи, државата се доведе во ситуација да им ги загрозува човековите права на сопствените граѓани заради спроведување меѓународен договор, и тоа надвор од стандардите на меѓународното право.
Обврската за менување на личните документи во Македонија, до
рокот наведен во Преспанскиот договор (12.2.2024), го наметнува прашањето – дали тој договор воопшто се спроведува со добра намера?
– Парадоксално, дури апсурдно, но во Македонија се доведовме во ситуација да „избираме“ приоритет меѓу два закона, меѓу две правни обврски. Изборот е законска обврска произлезена од меѓународен договор и основните човекови права на македонските граѓани за (само)идентификација со лични документи, за слободно движење… Ако се почитува едниот закон, едното право, се прекршуваат другите!? Обврската за менување на личните документи во Македонија, до рокот наведен во Преспанскиот договор (12.2.2024), го наметнува прашањето – дали тој договор воопшто се спроведува со добра намера? Прво, Грција речиси ништо нема спроведено од малкуте обврски што ѝ се одредени со тој договор, додека Македонија има направено многубројни промени, токму според наведените одредби. Потоа, на граѓаните на Грција ништо не им менува, во ништо не ги ограничува менувањето на сообраќајните табли – патокази на нивна територија, па и тоа го немаат спроведено – вели Ида Мантон, експертка за меѓународни преговори и медијација
Нашата држава дозволи ограничување на цивилизациските човекови права на своите граѓани и спроведување на еден закон со кој се прекршува друг закон
Експертката Ида Мантон понатаму одговорно тврди дека „обврската на Македонија за менување на сите лични документи на граѓаните со новото име на државата и неможноста (неспособноста на државата) технички да го спроведе тоа – загрозува, односно ограничува цивилизациски човекови права за македонските граѓани!
– Правниот систем на државата не би требало да дозволи таква недоследност, со спроведување еден закон да се прекршува друг закон. Впрочем, затоа се прават и преговорите пред стапување во полноправно членство во ЕУ, за усогласување и хармонизација на националното законодавство со законодавството на ЕУ. А ние, сосема апсурдно се доведовме со ситуација, во името на ЕУ, да ги прекшуваме основните човекови права, кои се исто така базични вредности на самата унија. Или да избираме меѓу примарноста на заштитата на човековите права на македонските граѓани или исполнувањето на обврските од меѓународните договори – вели Ида Мантон, експертка за меѓународни преговори и медијација.