Албанскиот премиер Еди Рама, реагираше вчера, за денешниот ден, кога се очекува Талат Џафери да ја преземе функцијата премиер на техничката влада во Македонија, оценувајќи го како историски момент изборот на прв премиер Албанец.
Во објава на Платформата Х оценува дека „лидерот на ДУИ, Али Ахмети, направил многу за правата на Албанците во РСМ“.
-Али Ахмети може целосно да биде критикуван внатре во државата, бидејќи право и должност е на секој што е во опозиција да бара повеќе од секој што е на власт… Но она што направи Али Ахмети за унапредување на правата на Албанците во соседната земја и нивното афирмирање како рамноправни граѓани на Република Северна Македонија, е историска лекција за сите нас и за генерациите што доаѓаат, пишува тој.
Тој споделува фотографија од Џафери со Ахмети и пошува „момците сакаат моќта да ја препознаат другите, а мажите да прават за другите“.
-И гледајќи ја приложената фотографија од историски момент на патот на албанската заедница, се сетив на мудрите зборови на еден голем политичар „Момците сакаат моќта да ја препознаат другите, а мажите да прават за другите“. Ова би биле совршени зборови за оваа фотографија, наведува Рама.
Во меѓувреме албанските медиуми, без исклучок пренесуваат информации околу изборот на новата техничка влада, со посебен акцент на изборот на Џафери, за прв Албанец премиер, потсетувајќи дека тој е еден од командантите на ОНА.