Фото: Пиксабеј

Во зимски услови, кога паѓа снег, а температурите се ниски, основното правило на возење е – бавното е брзо. Ако се обидете да одите брзо со премногу гас нема да постигнете ништо друго, освен вртење на тркалата. Меѓутоа, ако тргнете нежно, полека отпуштајќи ја спојката и минимално стегајќи го педалот за гас, ќе постигнете многу подобар ефект и побрзо ќе го поместите автомобилот од место. На снег и мраз, површината е толку лизгава што е речиси невозможно да се избегне лизгање на тркалата. Од мало лизгање на таквите лизгави површини нема штета, во некои случаи дури помага, поради што повеќето автомобили нудат опција за исклучување на ЕСП, но целта е што поскоро да се воспостави контакт со земјата. Ако дојде до лизгање додека се движите, одржувајте го гасот на најмала можна брзина додека гумите не се зафатат. Овде многу помагаат зимските гуми, имајќи предвид дека хемискиот состав на шарата обезбедува еластичност при ниски температури, а ламелите го зграпчуваат снегот.

Опасен црн мраз

Дури и кога не е покриен со снег и мраз, асфалтот може да биде многу лизгав во зима. Комбинацијата од висока влажност во воздухот, магла, масни наслаги и ниските температури на патот може да создаде тенок, транспарентен и многу лизгав слој наречен црн мраз. Црниот мраз е можеби уште поопасен од вистинскиот мраз со оглед на тоа што многу возачи не го очекуваат или навреме не го забележуваат, а може да опстане и на повисоки температури.

Без нагли потези

Другите неволји што демнат на патиштата во зима се добро познати и лесно препознатливи – мраз, слана, дожд што замрзнува во контакт со земјата, снег… Сето ова драстично го намалува триењето помеѓу гумата и површината, па затоа во зима возете со особена претпазливост. Најважно е да ги користите командите нежно и со многу чувство. Затоа се препорачува да возите во удобни и лесни чевли наместо со тврди и крути зимски чевли или тешки чизми во кои губите секакво чувство за педалите.
Автомобилите со погон на задните тркала се движат полесно во такви услови отколку автомобилите со погон на предните тркала, но автомобилите со погон на предните тркала можат да ги вртат погонските тркала, што може да биде многу корисно ако се заглавите во снегот.
Погонот на четири тркала е супериорен во такви услови, но возачите на ваквите автомобили, поттикнати од добрите перформанси на стартот, често непотребно брзаат кога е лизгаво, заборавајќи дека погонот 4×4 не помага при сопирање.

Сопирање

Сопирањето на лизгав пат е поголем проблем од движењето. Автомобилите со системот за сопирање против блокирање или АБС имаат способност за контролирање при сопирање, но при набиен и длабок снег тие имаат дури и подолго растојание за сопирање од автомобилите без АБС, чии заклучени тркала се укопуваат и затоа го запираат автомобилот порано. Во секој случај, важно е да се задржи поголемо безбедносно растојание од вообичаеното на лизгавиот асфалт и да започнете навреме да сопирате.

Нежно на кривини

На кривините, однесувањето на автомобилот главно зависи од конструкцијата на погонската спрега, односно од вашето ракување со педалот за гас. Што се однесува до управувањето, тука е клучна и нежноста. Внимателно влегувајте во свијокот, постепено свртете го воланот и слушајте ги реакциите на автомобилот. Кога влегувате во кривина, не забрзувајте, а ако сопирате, правете го тоа умерено. Ако автомобилот продолжи право наместо да се врти, обидете се да отстраните што е можно поголем притисок од предните тркала со отпуштање на сопирачката и притискање на спојката.
Во втората фаза од поминувањето на кривините, фазата на забрзување, бидете многу нежни. Ако претерано забрзате, автомобилите со погон на предните тркала ќе се лизгаат на предниот крај кон надворешниот раб на кривината, проширувајќи ја патеката, додека автомобилите со погон на задните тркала ќе се лизгаат назад, свртувајќи се кон внатрешноста на кривината, затворајќи ја патеката. Прва помош и во двата случаја е притискање на спојката, што веднаш ќе ги ослободи погонските тркала од влечната сила. Исто така, важно е да не паничите, туку нежно и постепено да го вртите воланот во насоката во која сакате да одите.