Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во „Топ Тема“ на телевизија „Телма“ ги соопшти имињата на техничките министри и заменици кои ќе ги предложи ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада, потенцирајќи дека тоа се компетентни и неизвалкани кадри чија задача ќе биде да ја обезбедат волјата на народот.
– Пред извесно време добив овластување од ИК и ЦК на партијата да предложам имиња кои ќе бидат дел од оваа техничка влада, и врз основа на тоа на состанок на ИК тој предлог ќе го презентирам – рече Мицкоски.
Тој потенцираше дека технички министер за внатрешни работи ќе биде адвокатот Панче Тошковски, моментално ја води партиската комисија за правни работи, бил член на конгреси, дел министерство за транспорт и врски, моментално работи во адвокатска канцеларија.
– Ценам дека со оние други именувања во МВР може да се состави добар тим да се обезбеди изборниот процес да се одвива како што очекуваме ние и граѓаните – изјави Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека технички министер за труд и социјала ќе биде Ѓоко Велковски, кој долго време работи во тоа министерство.
– Добро ја познава работата и структурата, едно време беше и секретар на Град Скопје, сега е дел од општина Гази Баба. Ценам дека како долгогодишен професионалец може да даде додадена вредност во овие 100 дена да обезбеди да имаме добро водење на министерството и да влијае да биде спречен поткупот кој знаете пред новогодишните празници на големо беше најавуван од страна на владата – рече Мицкоски.
Тој посочи дека технички заменик министер за финансии ќе биде Елена Петрова, која доаѓа од Управата за јавни приходи.
– Таму работи повеќе од 25 години, исклучителна биографија, многу обуки во Светска банка, ММФ, станува збор за професионалец и може да допринесе за здрав конкурентен тим во тоа министерство – изјави Мицкоски.
Мицкоски истакна дека технички заменик во министерството за администрација информатичко општество ќе биде Стефан Андоновски, меѓународен секретар во ВМРО-ДПМНЕ.
– Долги години дел од УМС, дел од ИК, близок соработник, имаме големи планови во делот на дигитализацијата на Македонија веднаш по изборите како идна влада. Ценам дека и тој ќе биде разликата која ќе ја видат граѓаните во овие 100 дена – изјави Мицкоски.
За технички заменик министер во МЗШВ, Мицкоски посочи дека ќе биде Цветан Трипуновски.
– Беше и во претходната техничка влада, ја води и партиската комисија, човек кој ги поминал сите структури и имам доверба дека може да се справи со предизвикот – изјави Мицкоски.
Нема да го поддржиме за Џафери за премиер
Нема да бидеме како СДСМ, ќе бидеме во собраниските клупи и ќе се воздржиме од гласање. Нема да гласаме за тоа што цениме дека Талат Џафери не заслужува да се гласа“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во емисијата „Топ тема“ на телевизија „Телма“.
Мицкоски потсети на однесувањето на Талат Џафери во вториот мандат како што е претседател на Собранието на Република Македонија, ако се заборави неговото однесување во првиот мандат.
– Во вториот мандат, на пати тој го крши Деловникот, Уставот, законите итн. Цениме дека не може тој човек да биде човек кој што може да обезбеди еден процес во кој што сите ќе бидеме горди. Но, ете тој е резултат, плод на еден политички договор кој што го имале СДСМ и ДУИ – нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочи дека Талат Џафери е коалициски договор помеѓу СДСМ и ДУИ.
– Јас да сум мандатар нема да прифатам таков лик да биде дел од мојот кабинет. Господинот Џафери не би бил ако јас ја имам можноста да бирам дел од тимот на соработници со кои што би соработувал. А, тоа ќе го кажат граѓаните на 8 мај. Ако ми ја дадат довербата тогаш сигурни бидете дека Талат Џафери нема да биде – рече Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека, тогаш, кога по неколку месеци Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе го ослободи партизираното обвинителство и судство, ќе го потсети Талат Џафери на изјавата „баш ми е гајле“.
– После 8 мај кога граѓаните ќе ја дадат довербата и некое време откога ќе го ослободиме обвинителството и судството јас лично ќе ве потсетам на оваа изјава на господинот Талат Џафери и тогаш ќе видиме какви репeркусии таа изјава носи – појасни Мицкоски.
Мицкоски: Немаме преговори со никого, но има сигнали од сите страни
Дали ќе биде тој или таа, кандидат номиниран за претседател од ВМРО – ДПМНЕ, се уште траат анализите и ќе се знае втората половина на февруари, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ вечерва во интервју во „Топ Тема“ на телевизија „Телма“.
Во однос на изборите, да бидат истовремено претседателските и парламентарните, за Мицкоски тоа било логично, а постоела и можност, како што рече, да не успеат претседателските избори, а и сега, подвлече, немаме гаранција дека тие ќе успеат во однос на цензусот.
– Вториот круг е важен иако и сега јас сум скептичен во одредена мерка дека ако добро не се организираме итн… после резултатот од првиот круг и летаргијата што ќе настане кај СДС, дали ќе го мобилизира гласачкото тело. Нашето ќе биде мобилизирано. Ценам дека тоа што се случи од 2019 година досега јасно им дава насока на гласачите во Македонија кој е изборот. Бидете сигурни дека победата ќе биде огромна – изјави меѓу другото претседателот на ВМРО – ДПМНЕ.
Мицкоски оцени дека нивната победа ќе биде многу голема. Тој тврди дека има партиии кои сакале да пристапат во коалиција со ВМРО – ДПМНЕ. Истакна дека немаат преговори со ДУИ, но имало луѓе кои се дел од раководството на ДУИ, кои сакаат да влезат во коалиција со ВМРО – ДПМНЕ.
– Немаме преговори со ниту едни, ниту со Еворпскиот фронт за промени, во кој се Касами, Гаши и Меџити, немаме ниту со Максим Димитриевски, немаме ниту со овој дел на ДУИ што сака да се ослободи од овие луѓе, немаме со никого. Тоа може да се случува втората половина на февруари, но има сигнали од сите страни. Ние сепак сме во политиката – изјави Мицкоски.
Додаде дека нивниот партнер е народот и нормално, како што рече, на политичката сцена, албанскиот коалициски партнер би сакале да биде, рече, оваа тројна коалиција – Европскиот фронт за промени на Касами, Гаши и Меџити.
Прашан дали разговараат со Арбен Таравари, Мицкоски рече дека не разговарале и оти „Арбен што тој го знае и неговите ставови, треба час поскоро да излезе од таму и да се приклучи кон антидуи структурата“.