Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) на својата зимска сесија, која започнува денеска во Стразбур, ќе треба да го избере новиот комесар за човекови права. Изненадува што на листата се наоѓа и кандидат од земја што од самиот Совет на Европа, па и од Европскиот парламент беше покажана со прст дека има проблеми со владеењето на правото и спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права

Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) на својата зимска сесија, која
започнува денеска во Стразбур, ќе го избира новиот комесар за човекови права

Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) на својата зимска сесија, која започнува денеска во Стразбур, ќе треба да го избере новиот комесар за човекови права. Комитетот на министри достави до Парламентарното собрание на Организацијата листа од тројца кандидати за функцијата комесар за човекови права на Советот на Европа. ПССЕ ќе го избере новиот комесар за човекови права од овие тројца кандидати за време на својата зимска сесија (Стразбур, 22-26 јануари 2024 година), кој ќе ја преземе функцијата на 1 април 2024 година, како резултат на крајот на мандатот на актуелната комесарка Дуња Мијатовиќ.
Кандидатите по азбучен ред се: Меглена Кунева (Бугарија), Манфред Новак (Австрија) и Мајкл О’Флаерти (Ирска).
Треба да се знае дека комесарот за човекови права е независна и непристрасна институција, создадена во 1999 година од страна на Советот на Европа за да ги промовира свеста и почитувањето на човековите права во 46-те земји-членки на Советот на Европа. Неговиот мандат е шест години и не може да се обновува.
Изненадува што на листата се наоѓа и кандидат од земја што од самиот Совет на Европа, па и од Европскиот парламент беше покажана со прст дека има проблеми со владеењето на правото и спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права.
Меглена Кунева е бугарската кандидатка за комесар за човекови права на Советот на Европа, соопшти од своја страна Министерството за надворешни работи на Бугарија. Се додава дека Кунева била претставена од заменик-министерката за надворешни работи Ирена Димитрова пред претставници на дипломатските претставништва во Софија од земјите членки на Советот на Европа.
Се прецизира дека Димитрова нагласила дека Бугарија приоритетно внимание посветувала на прашањата за човековите права во меѓународните односи. Таа ја истакна улогата на комесарот за човекови права на Советот на Европа во одржувањето на високите стандарди на оваа меѓународна организација и обезбедувањето нејзино ефективно работење. Димитрова ги истакна и „непобитните лични квалитети и исклучително богатото професионално искуство на Кунева“, нагласувајќи го уверувањето на владата дека таа може значително да придонесе во одбраната на човековите права во Европа.
Кунева ги презентираше своите ставови за работата на комесарот за човекови права на Советот на Европа и одговараше на прашања на дипломатите на земјите членки на организацијата акредитирани во Софија.
Бугарија за првпат номинира свој кандидат за челната позиција во Советот на Европа, објаснуваат од бугарското МНР.

Писмото на бугарската влада за кандидатурата на Кунева

И ако не ги познававме Бугарија и нејзиниот однос кон пресудите на Европскиот суд за човекови права, немаше што да кажеме за нејзината кандидатура.
Но, овде би требало да се задржиме и на официјалното писмо со кое се наведува кандидатурата на Кунева. На почетокот бугарската влада се заблагодарува до Советот на Европа за „плодната средба“ одржана на 13 септември 2023 година.
„Тоа беше одлична можност да разговараме за нашата заедничка посветеност на улогата и одговорноста на Советот на Европа во заштитата на вредностите на слободата, демократијата, владеењето на правото и човековите права.
Осврнувајќи се на вашето љубезно писмо од 5 јули 2023 година, во врска со изборот на следниот комесар за човекови права на Советот на Европа, би сакал соодветно да ја признаам важноста на оваа позиција во областа на заштитата на човековите права.
Имам задоволство да ве информирам дека Република Бугарија ја номинира г-ѓа Меглена Кунева за функцијата комесар за човекови права на Советот на Европа за периодот 2024-2030 година.
Г-ѓа Меглена Кунева, која докторирала, има импресивно професионално искуство (во прилог биографија). Помеѓу 2018 и 2022 година, г-ѓа Кунева беше амбасадорка на Европската Унија во Советот на Европа. Како искусна правничка и законодавка, има вршено неколку важни јавни функции, меѓу кои и вицепремиерка за координација на европската политика и институционални прашања и министерка за образование и наука, како и министерка за европски прашања и главна преговарачка на Република Бугарија во ЕУ-процесот на пристапување. Г-ѓа Кунева беше првиот член што ја претставуваше Бугарија во Европската комисија помеѓу 2007 и 2010 година.
Убеден сум дека личните и професионалните вештини на г-ѓа Меглена Кунева, како и нејзиниот морален интегритет, ќе бидат драгоцено богатство за Советот на Европа. Доколку биде избрана на функцијата комесар за човекови права на Советот на Европа, г-ѓа Кунева многу ќе придонесе за нашите заеднички напори за спроведување на амбициозната агенда за заштита и унапредување на човековите права што ја усвоивме на највисоко ниво на самитот во Рејкјавик“, се наведува во писмото на бугарската влада за кандидатурата на Кунева.

Комесарот за човекови права ќе има полни раце работа во Бугарија

Европскиот парламент и Комитетот на министрите на Советот на Европа, испратија повеќе сигнали дека не може да се замижува кон земјите на ЕУ што имаат проблем со владеењето на правото и основните права. Владеењето на правото значи поделба на власта, но обвинувањата за судска корупција и политички мотивирани гонења се зголемуваат. Владеењето на правото значи слобода на медиумите, но гледаме дека владата во Бугарија врши сè поголемо влијание врз јавните медиуми и прибегнува кон клиентелизам кога станува збор за приватните медиуми. Во резолуцијата на Европскиот парламент и тие на Комитетот на министрите се бара почитување на одлуките на Европскиот суд за човекови права за регистрацијата на здруженијата на македонското малцинство во Бугарија.
Така поминаа повеќе од десетина години откако претставниците на македонското непризнаено малцинство од соседна Бугарија протестираа пред Европскиот парламент и Советот на Европа во Стразбур, барајќи признавање на нивните права и право да регистрираат свои здруженија и политички партии. Во меѓувреме имаше и други пресуди од Европскиот суд за човекови права, извештаи на комесарот за човекови права и на Парламентарното собрание на Советот на Европа во кои се бараше почитување на нивните права и право на слободно собирање. Но и покрај сите тие барања, препораки и резолуции, Бугарија, која во меѓувреме стана членка на Европската Унија, не мрдна по оваа проблематика. Напротив, таа уште повеќе го проблематизира „македонското прашање“, за кое, како што би рекол Алберт Лондр, уште одамна е пресечено.
Бугарија со години по приемот во ЕУ е предмет на технички мониторинг во ЕУ, но и во ПССЕ, каде што се води постмониторинг-дијалог за нејзините обврски преземени со членството во Советот на Европа. Во меѓувреме, поради ваквото однесување на Бугарија и особено проблемите за владеењето на правото и почитувањето на европските вредности од земјата, јасно е ставено до знаење дека ЕУ не сака нови земји членки со слични проблеми. Односно се намали поддршката за проширувањето.
ПССЕ и Комитетот на министрите на Советот на Европа повеќепати ја критикуваа Бугарија, но за првпат Софија доби два укора истовремено, едниот од Стразбур, со кој се бара регистрација на здруженијата на македонското малцинство, а другиот од Брисел. Резолуцијата на ЕП донесена во 2020 главно беше реакција на повеќенеделните протести во земјата и на гласните критики за корупцијата на власта, при што се повика Бугарија на целосно и безусловно почитување на вредностите на ЕУ.

„Македонското прашање“ стана тема за сите земји членки на Европската Унија

Досега имаше повеќе пораки до Софија за корупцијата и редовни мониторинг-извештаи, но за првпат во еден официјален и изгласан документ на Унијата, па колку и да е тој необврзувачки, се наведува дека треба да се почитуваат одлуките на ЕСЧП, односно да регистрира здруженија или партии на македонското малцинство во Бугарија.
Очигледно е дека „прашањето“ за македонското малцинство и за ОМО „Илинден“, како и за македонскиот јазик и народ, не е само тема за билатерални расправии, бидејќи сега тоа стана тема за сите земји членки на Европската Унија.
Нас не треба многу да нѐ занесува ова, доволно е да се слушнат изјавите на европските челници за нашиот европски пат. Резолуциите за Бугарија дојдоа речиси истовремено со претставувањето на напредокот на земјите кандидати за членство во ЕУ, така противниците на брзото проширување ги посочуваат слабостите во најновите земји членки на Унијата, како Бугарија и Романија, но тука се Полска и Унгарија, за да ги заострат условите за членство и да предупредуваат на опасноста од пребрзото членство за земји што не се подготвени да ги почитуваат основните вредности на ЕУ.
Затоа слободно можеме да се запрашаме како една досегашна бугарска функционерка што извршувала највисоки функции во бугарската влада, која ништо не направила за почитување на основните права на македонското малцинство во Бугарија, сега ќе ги заштитува нивните права и ќе се среќава со нив како неутрален комесар за човекови права. Тука најверојатно потфрли и Комитетот на министрите на Советот на Европа, кој со години меко реагира на непочитувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права од страна на Бугарија.


Советот на Европа ќе избира и нов генерален секретар

Инаку, на 11 јануари Советот на Европа објави дека тројца кандидати ќе се борат за уште една важна функција на Советот – функцијата генерален секретар на организацијата. Кандидати за наследник на Хрватката Марија Пејчиновиќ-Буриќ се актуелниот комесар за правда Дидие Рејндерс, поранешниот претседател на Швајцарија Ален Берсе и Естонецот Индрек Сар, социјалдемократ, министер за култура од 2015 до 2019 година.
По изборот на комесар за човекови права, Комитетот на министрите на Советот на Европа ќе треба да одржи одделни разговори со тројцата кандидати за генерален секретар на Советот на Европа во текот на март и ќе одлучи за конечната листа на кандидати.
За наследникот на Хрватката Марија Пејчиновиќ-Буриќ на чело на Советот на Европа, генерален секретар на Советот од 2019 година, откако поранешната министерка за надворешни работи на Хрватска не сакаше повторно да се кандидира, се пријавија тројца кандидати.
Либералот Дидие Рејндерс (65), актуелен европски комесар за правда, претходно ги држеше ресорите за одбрана и надворешни работи во Белгија. Тој веќе беше кандидат против Марија Пејчиновиќ-Буриќ во 2019 година.
Швајцарскиот социјалист Ален Берсет (51) штотуку го напушти претседателството на Швајцарската конфедерација на крајот на декември, по петгодишен мандат, и Естонецот Индрек Саар, 50-годишен социјалдемократ, беше министер за култура помеѓу 2015 и 2019 година.
Сите 46 држави на европската организација со седиште во Стразбур имаа рок до средата, 10 јануари, да го предложат својот кандидат. Тоа се генерално поранешни министри за надворешни работи или поранешни премиери.
„Комитетот на министри ќе организира одделни интервјуа со тројцата кандидати во март 2024 година и ќе одлучи за конечната листа на кандидати што ќе биде пренесена до Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), парламентарното тело на Советот“, укажува повторно Советот на Европа.

Тони Гламчевски Специјално за „Нова Македонија“ од Стразбур