Европскиот суд за човекови права пресуди дека поранешниот министер Спиро Ристовски, обвинет во предметот „Организатори на 27 април“ бил неосновано држен во притвор.
Со тоа, државата ќе мора на Ристовски да му плати оштета од 750 евра и 1.500 евра судски трошоци.
Европскиот суд во пресудата вели дека немало конкретен доказ Ристовски може да побегне.
„Судовите не покажаа постоење на ниту еден конкретен факт во прилог на нивните заклучоци дека постоел ризик од бегство“, стои во пресудата на ЕСЧП.
Се наведува дека од 30 јули 2019 година до 21 август 2020 година на Спиро Ристовски 14 пати му бил продолжен куќниот притвор, поради ризикот од негово бегство.
Покрај Ристовски, пресуда за неоправдано продолжување на притворот има и за Митко Пешов – раководителот на одделот за посебни единици во полицијата, кој беше осуден со казна затвор од 15 години за настаните на 27 април.