Германската влада останува на одлуката за смалување на субвенциите во земјоделството, наспроти протестите на земјоделците. Имено, станува збор за постепено укинување на даночните олеснувања за дизелот, што земјоделците го оспоруваат…

Германија

Од понеделникот траат протестите на германските земјоделци што влегуваат во својата кулминација. Тоа предвидува и блокирање на главните патишта во германските градови. Заедно со земјоделците протестираат и камионџиите и вработените во железницата, а од завчера им се придружуваат и машиновозачите. Работата во фабриката на „Фолксваген“ беше прекината, а протестот го поддржа и десничарската партија Алтернатива за Германија.

Сојузната влада со мерките за штедење ги исклучи олеснувањата на земјоделците за привилегирана цена на дизел-горивото

Германската сојузна влада презеде мерки за штедење заради намалување на потрошувачката од сојузниот буџет за 2024 година. Нацрт-законот за буџетско финансирање го вклучува и намалувањето на субвенциите за дизел-горивото за земјоделците, зголемување на таксите за воздушниот сообраќај и построги критериуми за социјалната помош за невработените. Овие мерки за штедење се неопходни бидејќи, според претходната пресуда на Сојузниот уставен суд, Владата мора да ја покрие празнината од околу 30 милијарди евра во буџетот, како и во Фондот за клима и трансформација. Така, од мај ќе бидат зголемени таксите за авионските билети, кои треба да се зголемат од 15,53 до 70,83 евра за еден патник, во зависност од целта на патувањето. Данокот на билетите ќе им биде наплатен на сите патници што поминуваат низ германските аеродроми, а авиокомпаниите ќе треба да го платат овој износ, кој можат да го префрлат на товар на патниците. Врз основа на оваа давачка, Владата во Берлин за годинава очекува да наплати дополнителни приходи од 400 милиони евра.
Германската влада останува на одлуката за смалување на субвенциите во земјоделството. Станува збор за постепено укинување на даночните олеснувања за дизелот. Досега земјоделците можеа да добиваат делумен поврат на данокот на енергија од дизел, со одобрување на надомест од 21,48 цент за литар. Владејачката германска коалиција планираше веднаш да ја укине оваа поволност за земјоделците, која се применува од 1951 година. Но одлучено е земјоделците и компаниите во аграрниот сектор да имаат период на приспособување. Годинава стапката за додатокот ќе биде намалена за 40 отсто, а во 2025 година и во 2026 за дополнителни 30 отсто. Од 2026 година овие субвенции нема повеќе да постојат. Минатата недела владејачката коалиција отстапи од првобитниот план за укинување на даночните олеснувања за земјоделска механизација.

Германската влада, заради штедење, дава предлог и за намалување на социјалната помош за невработените

Германската влада даде зелено светло за планирано намалување на социјалната помош за невработените. Заводите за вработувања во иднина ќе можат, но најдолго до два месеца, да го укинат надоместот за невработените лица што упорно одбиваат каква било понудена работа. Се очекува со оваа уредба да се заштедат околу 170 милиони евра годишно. Освен тоа, се укинува бонусот за социјална помош од 75 евра месечно, кој е воведен за натамошно усовршување на невработените, кои немаат цел да добијат стручна диплома. Ова ќе донесе заштеда од сто милиони евра. Обуките за стекнување стручна диплома и натаму ќе биде поддржани со 150 евра месечно.
По донесувањето на одлуката за мерките за штедење, за нив ќе одлучува германскиот парламент. Владата очекува буџетот да биде одобрен во јануари во Бундестагот. Поради ова во понеделникот почнаа и протестите на земјоделците. Работниците во секторите низ Германија, од металургијата и транспортот до образованието, презедоа активности за поттикнување на разговорите за платите, кои претрпија тежок пресврт бидејќи најголемата европска економија се бори со слаб раст, а домаќинствата се борат со вртоглаво растечките цени.
Многумина во Германија скептично гледаат кон настаните од претстојнава недела, и тоа не само поради парализираниот сообраќај. Политичарите и Сојузната служба за борба против криминалот се загрижени дека и екстремистите би можеле да се вмешаат во протестите на земјоделците. Десничарските партии и групациите подложни на теории на заговори веќе повикаа на учество во протестите. Десничарско-популистичката и делумно екстремно-десничарска партија Алтернатива за Германија (АфД) во покраината Тирингија повика на „генерален штрајк“ против „уништувачите на благосостојбата“ во сојузната германска влада. Малата екстремно десничарска партија Третиот пат и десничарската иницијатива Еден процент треба да бидат вклучени во повиците.