За издвојување е фактот што науката потврди дека „загадувањето има повеќекратно негативно влијание врз здравјето на луѓето“, па дури и дека „аерозагадувањето ни го крати животот во просек по три години“!
Респираторните проблеми кај граѓаните во голем дел се последица на загадениот воздух
Промената на времето, која донесе дожд, за среќа, барем малку го прочисти екстремно загадениот воздух што ги „задушува“ скопјани. Изминатиот период, енормното аерозагадување им помогна и на вирусите, преку кои се шират болестите што ги наполнија болниците. Кашлицата стана придружен „симптом“ предизвикан во голем дел од загаденоста. Иако многумина се здрави, сепак повеќето граѓани кашлаат, а кашлицата е најкарактеристична кај малите деца. За издвојување е фактот што науката потврди дека „загадувањето има повеќекратно негативно влијание врз здравјето на луѓето“, па дури и дека „аерозагадувањето ни го крати животот во просек по три години“!
Оваа состојба за граѓаните започнува со почетокот на грејната сезона и завршува во пролетните месеци. Како и секоја сезона така и оваа, на сите ни се случува „дежа ви“ (веќе видено).
Препознатливиот симптом – сувата кашлица
Како што и веќе пишувавме, за жал, единствен спас во услови на енормно загадување е само заштитната маска, бидејќи само таа може, во одреден дел, да ги спречи опасните последици од штетните ПМ-честички. Експертите велат дека сега што и да се направи е предоцна, бидејќи ниту една мерка не може да ги санира штетните последици, па токму затоа и препорачуваат носење заштитна маска како единствен спас.
Според неодамнешните официјални податоци, на детската клиника „Козле“ дневно има до 200 деца во амбулантско-поликлиничкиот дел што поминуваат низ консултативните амбуланти, а во моментов има шеесетина хоспитализирани деца, кај кои најчесто станува збор за инфекции на долните дишни патишта. И ако периодов разговарате со родители со мали деца, сите ќе ви кажат дека непрекинато кашлаат.
– Моите две деца се со пумпица поради алергиска астма. Воздухот дополнително ја влошува нивната состојба. Постојано кашлаат. Сакаат надвор, а јас не ги изнесувам од страв. Преплашена сум од последиците што воздухот може да им ги направи. Сите сме со некаква симптоматологија. Некој е полн со секрет во носот, некој кашла и полн е со шлаjм. Лута сум и гневна. Надлежните воопшто не се грижат за нашето здравје. Загрижени се само пред избори кога треба да ги гласаме – вели Данче Трајановска, мајка на две деца, од шест и од четири години.
Таа вели дека пумпиците со кортикостероиди многу не им помагаат во овој период од годината.
– Децата ми се буквално отруени, што од лекови, што од воздухот. Малку да се затрчаат кашлаат, се задушуваат. Како да им помогнам веќе не знам, сѐ што знаев направив – додава таа.
Пулмолозите лути поради овој индиферентен однос на надлежните
Детските пулмолози резигнирано велат дека ако ваквите аерозагадувачки состојби продолжат, нема да има спас од потешките последици што следуваат. Освен заштитна маска, ништо друго не помага.
– Не знаете колку сум лута поради овој индиферентен однос на надлежните. Овде никој ништо не презема. Зголемен е бројот на дечиња со долнореспираторни проблеми и, верувајте, голем удел во тоа има загадениот воздух. Сите тие се деца што редовно ги прегледувам, тие ми се редовни пациенти што ги следам. Некои од нив се со астма, некои со алергиска астма и кај сите нив симптомите се влошени. Не помагаат ниту кортикостероиди, ниту инхалации. Воздухот страшно им го оштетува респираторниот тракт и како последица на тоа риновирусите даваат сериозни симптоми – вели познат детски пулмоалерголог, кој сакаше да остане анонимен.
Советува што е можно повеќе да се престојува на чист воздух.
– Сите, и деца и возрасни, да заминат на чист воздух, колку што можат почесто. Да престојуваат на отворено за да ги исфилтрираат белите дробови. Тоа не е препорака само за децата туку и за возрасните. Доколку граѓаните имаат услови, да користат прочистувачи на воздух, никако да не проветруваат и задолжително да носат заштитни маски при излегување на отворено – вели таа. Д.Т.З.