Недопирливи

Најнов збор со кој решија да го забошотат терористичкиот акт на загрозување на воздушниот сообраќај над Скопје стана „кошкање“. Па добро, за таа банда на функционери на ДУИ, ништо чудно. Пред и околу избори се „кошкаат“ меѓу себе и така се пукаат во дворот на нивниот штаб. Бидејќи нормално е на партиски состанок, но и на избирачки места, да одиш наоружан до заби. Обично „кошкање“, како децата на игралиште.
Е сега решија да ги „кошкаат“, читај истепаат, контролорите на летање, откога советникот на М-НАВ, Незири, познат по буткање инспектори и поливање со вода, наводни финансиски малверзации и сопственик на болница, реши да пушти бандити во контролната соба на скопскиот аеродром, каде што во тоа време се наведувале ни помалку ни повеќе 28 авиони над Скопје. На директорот Деари му е гајле, дури и за двата авиона на НАТО, кои, наводно, слетувале во тоа време. Деари, кој сигурно се крсти во НАТО, кое нѐ „брани“, ја доведе Алијансата до дереџе да се брани од нас. Па, луѓе, патувајте мирно. ДУИ се грижи за вашата безбедност. Да се случеше вакво нешто на некој американски аеродром, ФБИ ќе влезеше за секунда, а актерите бел ден немаше да видат. Ќе го реактивираа озлогласениот затвор „Алкатраз“. А овие не даваат ниту оставки. Е сега, најсмешно од сѐ е, што токму тие, недопирливите, се прогласија за предводници на нашето ЕУ „утре“, кое не само, но и поради нив нема да биде ни на куково лето. За своите миленици, молчи и американската амбасада, која заврши работа со ставањето на Мерко на црната листа на САД. Голема работа.
Во меѓувреме, нашево ЈО им определи „мерки на претпазливост“ на осум учесници во „немилиот настан“. Од нив, по четворица се трага, а од оние што завршија во куќен притвор, еден веќе ја збриша. Чист мајтап од подгазениот правосуден систем. На кукавиците од ЈО им е СТРАВ да притворат членови и функционери на ДУИ. ДУИ, посилно од животот. Недопирливи! По ова, цело ЈО да си оди. Не ни требаат вакви завеси од чад, каде што нешто божем се презема, а се работи за тероризам каде што постапувањето мора да биде најригорозно. Тероризам со меѓународни последици.

Уште поцинична е најавата од Финансиската полиција дадена на 5.1.2024, дека во вторник, на 9.1.2024 (по пет дена), ќе направеле увид во работењето на М-НАВ. „Најавено убиство“, како книгата на Агата Кристи. Е сега замислете, прочуениот борец против мафијата во Америка, Елиот Нес, да му најавеше однапред на Ал Капоне дека ќе врши ревизија на финансиите на дувлото. Хаааа… ова е веќе премногу. Нѐ направија болни, готови за ментална институција. Ич нека не се мачат да одат, сѐ ќе си биде во ред. Незири или сега некој друг таков ќе си купи болница со наши пари, или хотел, или спа-центар, или вила на Флорида. А народов ќе брои пари до „први“ и ќе ги испраќа децата сургун.
Груби (ни) се смее, Али си пуши и (ни) се смее, цела ДУИ вработена со врски, задоволна и насмеана ја започнува новава година. Недопирливите градители на нашата иднина. Да знам дека е последно, не би одела никогаш по нивните стапки и препораки. Тие се антипод на цивилизацијата, антипод на зрела политика, антипод на сите вредности што ги слушаат на разни семинари, а во пракса прават сѐ обратно. Ако речат надесно, одам налево. Ако речат на север, тргам на југ. Само не по злосторничкиот ум на бандата што работи цело време на наше уништување. Под заштита, се разбира. Ниту еден образуван човек или макар само со здрав ум нема да ги следи нивните инструкции и уцени. Има ли некој „точен“ што му верува, да речеме, на Османи и на неговите „добри“ намери за државата, без да ги даде курбан Македонците? Мислам, освен Таче, Заев и тајфата на СДС, кои им дадоа силен замав на недопирливите да нѐ малтретираат, да се балансираат според лажниот попис, да нѐ распродаваат и да нѐ крадат без да бидат казнети. И да им го дадат на тацна целото правосудство (заедно со бабичката од Струмица на шалтерот, која замислете не знаела македонски).
Не сме само на небо небезбедни. На земја сме бетер. Зошто? Затоа што немаме институции, затоа што држава без институции создава несигурност, неправедност, небезбедност.
Деновиве, во екот на аферата за убиствата на Вања и Панче, се појавува некој контроверзен политичар од Србија, Срѓан Ного. И покажува снимки на Јутјуб, прави реконструкција на злосторствата. Но прашањето е од каде му се сите овие материјали? Од кого ги добил? Впрочем, по масовната трговија и уцени со снимките во самото СЈО, веќе ништо не ме чуди. Две работи заклучувам. Прво, безбедносните служби ни се решето, второ, традицијата на бомбите на Заев (повеќето ќор-фишеци за народна забава) продолжува. Со нас веќе целиот Балкан си игра мајтап. Сега е јасна леснотијата со која во протоколите со Р Бугарија се обврзаа (тајфата од погоре) да ги предадат сите наши безбедносни архиви за да може соседната држава кај нас да брка предавници, шпиони, да лустрира наши луѓе. Се разбира од својот „администраторски“ агол од Втората светска војна. Нема да ме чуди да ни лепнат и понекој железен крст, како најтренд бижутерија. Зошто се чудевме на овој чин на предавство, кога еден странски политичар дошол до снимки што се дел од отворена истрага? Нашата безбедност не постои. Таа е отворена ливада, за секој да ја ора и да сее што ќе посака. А со такви компромитирана безбедност, да не се чудиме што судството пресудува според политички потреби.

Ние сме на тотална распродажба, како што пишував во претходната новогодишна колумна. Од државата е останат костур со распаднати остатоци на месо и кожинки, кои треба да се доглодаат. А потоа тој, костурот, ќе се сруши самиот од себе. Во меѓувреме распаднатото месо смрди, се распаѓа, загадува. Никаков скап француски парфем со кој нѐ полева Маричиќ не може да ја камуфлира оваа неподнослива реа. Никаква ЕУ не може и не сака да се расправа со „подгреани“ лешови.
Распад, земја на понижени и навредени луѓе, земја на избегани без да се завртат, земја на неспособни, богати партиски полуидиоти, земја во која „правдата е игра“ како што пееше Боб Дилан. Земја на недопирливи за кои важат законите од џунглата, земја што не може да обезбеди минимум безбедност за никого. Со еден збор, опасна земја. Во една куса приказна од Кафка, кочијашот го прашува патникот дали има цел на патувањето. Овој одговара: „Да, имам цел. Што подалеку од овде“. Болно, но вистинито.