Вечерва во центарот на Скопје бил приведен Дрин Ахмети, внукот на Али Ахмети, потврдија полициски извори. Во возилото со кое управувал биле пронајдени пиротехнички средства.
-Денеска (30.12.2023) во 19.50 часот на ул.„Самуилова“ во Скопје полициски службеници запреле патничко моторно возило „ренџ ровер“ со албански регистерски таблички, управувано од Д.А. (25) од село Зајас-Кичево и при преглед на возилото се пронајдени пиротехнички средства. Лицето е приведено во полициска станица и по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок – велат од МВР.
При прегледот на возилото биле пронајдени 749 пиротехнички средства.
По веста за приведувањето на Дрин Ахмети, веднаш реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
-Со оглед дека Ахмети е од „европската коалиција”, дали и пиротехничките средства кој ги шверцувал внук му Дрин се европски? – прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Името на внукот на Ахмети стана познато во јавноста во јуни годинава, кога беше објавено дека купува деловен објект во центарот на Скопје вреден милиони евра.
Тој летово отфрли поврзаност на лидерот на ДУИ со неговиот бизнис. Али Ахмети, рече, му е мотивација и тој ѝ помогнал на оваа држава.
-Горд сум што ми е вујко, но тој нема никаква врска со мојот бизнис. Нула поврзаност – рече Дрин Ахмеди.