Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на денешната средба со претседателот на Синдикатот при М-НАВ (ССКЛ), Александар Тасевски, побара да не ја спроведуваат одлуката за прекин со работа, образложувајќи дека административните постапки во М-НАВ не смеат да влијаат во професионалноста на Друштвото во насока на нормалното одвивање на ависообраќајот во земјава.
Како што соопштија од Министерството, соговорниците ги потврдија заложбите на Министерството и Синдикатот за надминување на оваа состојба и потенцираа дека доследно ќе се придржуваат кон Спогодбите од договорот од октомври меѓу менаџметот на М-НАВ, Синдикатот и Министерството за транспорт и врски како посредник за надминување на состојбите во Друштвото.
Бочварски на средбата се заблагодарил за разбирањето и подготвеноста на Синдикатот, интересот на граѓаните и државата да се стават во прв план.
-Во однос на јавните огласи во М-НАВ, потврдуваме дека не се објавени во рок од два работни дена, односно применета е законска обврска за времетраење на јавниот оглас, од причина што огласот од правен аспект треба да се реализира до крај на оваа година – соопштија од Министерството за транспорт и врски.
Она што се согласни министерот Бочварски и претседателот на Синдикатот е дека во наредниот период во постапките за сите јавни огласи за нови вработувања во делот на оперативниот кадар, ќе биде вклучен и Синдикатот, како пракса во насока на подигнување на повисоко ниво на човечкиот и техничкиот капацитет на М-НАВ.
Средбите меѓу засегнатите страни ќе продолжат и понатму за подобра координација и подигнување на нивото на транспарентноста за сите прашања.
– На крај на средбата, Бочварски се заблагодарил на претседателот на Синдикатот, Александар Тасевски како дел од оперативниот кадар на М-НАВ за посветеноста во работата и успешната година во делот на воздухопловните операции и рекордна бројка на превезени патници во ависообраќајот во Северна Македонија, особено за успешната поддршка за реализација на Министерскиот самит на ОБСЕ 2023 го Скопје – потенцираат од Министерството за транспорт и врски.