Шлаканица

На Запад ништо ново. Од Брисел добивме уште една шлаканица, не се знае која по ред. Отрпнавме. Прошета нашата делегација, потпиша декларација што не ни дава никакви шанси за напред, и тргна да ја обвинува опозицијата дека нѐ кочела во нашиот напредок. Во каков напредок, само тие знаат. Таму уста не отворија, не се спротивставија на очигледната хипокризија на Унијата, на очигледните двојни стандарди, на мижењето на сопствените „вредности“, на однесувањето што станува веќе опасно и по самиот нејзин опстанок. Неоспорно е дека геополитичката реторика што доаѓа од Брисел ја маскира длабоката загриженост на повеќето членки на ЕУ за последиците од ваквото проширување и можноста да се апсорбираат членки како Украина и Молдавија. Но, администрацијата во Брисел цврсто ја бутка таа агенда. Во овие околности, дури и на секој обичен човек му станува јасно дека таканаречените европски вредности одат обратнопропорционално од геополитичките интереси на Унијата. Или со прости зборови, пораката што ни се испраќа би била: бидете колку сакате корумпирани, со разнебитени институции, ама редот ќе ви дојде (ако) кога ќе ни бидете потребни за создавање бедем кон „штетните влијанија“. А таква опасност кај нас реално не се гледа.
Читајќи ја Декларацијата, освен вообичаените тапкања по рамо и поздрави и честитки за реформите што ги нема, може да се исчитаат неколку интересни заклучоци за нашата и другите земји во регионов.
Прво, сите нас нѐ упатуваат исклучиво на соработка во рамките на Западен Балкан. Како да ни пречи некој да го правиме тоа и без налог од страна. Ни трага барем од приклучување кон заедничкиот пазар со ЕУ. Ќе се прават напори за приближување и толку. Ништо реално, ништо опипливо.
Второ, повторно нам ни се држи лекција за исполнување на договорите со Грција и со Бугарија. Не знам дали таму некој ја искара Грција за тоа што не го имплементира договорот, бидејќи веќе сме до крајниот датум за исполнување на оние минимум обврски што ги имаше Грција, 31 декември 2023. Потоа, според договорот, треба да се видиме на Меѓународниот суд на правдата, или да си вратиме во рикверц сѐ што било наша обврска.

Трето, се турка таканаречената „зелена агенда“. Еве шанса да се истакне ДУИ како зелена партија, која е со децении на власт, а Западна Македонија тоне во ѓубре. Таа зелена агенда, сама по себе благородна и потребна работа, за нас ќе се претвори во нов вид колонијална зависност. Тоа е долгорочен проект, за кој Македонија ниту има пари ниту има ресурси. Неприфатлива е и за поразвиени членки на ЕУ. Парите што ни ги дава за оваа цел Унијата се повеќе од недоволни и се плашам дека ќе влеземе во циклус на задолжување кај пиратските меѓународни институции. Зелената агенда, иако декларативно ја има и Германија, каде што во власта има зелена партија, ги натера вредните Германци да копаат јаглен откако се откажаа од нуклеарните електроцентрали и од евтиниот гас. Го заменуваат со течен, четири пати поскап од оној што го добиваа преку сега уништените Северни потоци (1 и 2). И воопшто не се грижам како ќе се снаоѓа Европа со енергија, а се снаоѓа преку прекупци, носи нафта со бродови под туѓи знамиња. Се служат со сите можни марифетлаци, во стилот прави што можеш, ама да не се дознае дека ги прекршуваат санкциите што ги воведоа како камикаѕи. А ние послушните и вечно наивни ученичиња? Нас ќе нѐ удрат по глава веднаш штом ќе се сетиме да направиме некој марифетлак за да се добереме до поевтина енергија. За утеха, мислам дека никогаш ништо нема да ни текне.
Читам некој Национален план за енергија и клима на Република Македонија 2020-2022 година, подготвен токму од германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ). Ништо, ама баш ништо не е започнато да се имплементира досега, а сѐ е ветено. На пример, ќе сме имале железници наместо патнички сообраќај, сите фасади ќе биле енергетски ефикасни, ќе сме почнеле со градење електроцентрали на биомаса, ќе сме ги намалеле фосилните горива и што не. Ајде не тоа, но ако ништо друго, можевме да го исчистиме воздухот со стопирање на градењето огромни згради во големите градови, кои ни носат огромен број автомобили. Кај нас, поради отворена корупција, градовите не се за луѓе, туку за бетон и автомобили. Можевме да имаме и современи депонии со рециклирање на отпадот. Тоа би бил почетокот. Но, вака добро поучени во Декларацијата, се плашам дека нашиве ЕУ-фундаменталисти ќе тргнат да ги уништуваат сточниот фонд и земјоделството, за да немало „штетни гасови“. Инаку, авионите не загадуваат. Тие се баш еколошки пријателски возила. Во Декларацијата уште и кажале кој гас е пријателски (оној скапиот, течен), а кој е непријателски (оној поевтиниот, кој го добиваат Бугарија, Србија, Унгарија, Австрија). Нашиве потпишале обврски што реално не се остварливи за нас, без голем удар по џебот на граѓаните. Сепак, барањето за зелена агенда лесно ќе го решиме. Ние ќе мрзнеме, а индустрија и така немаме. Решен проблем. Унијата задоволна, ние уште повеќе.

Четврто, ќе ни помогнеле да се справиме со поплавата од туѓа медиумска пропаганда. Читај цензура, каква за првпат гледам во Европа. Во една слободна, демократска Европа, каде што сега се цензурира сѐ што не е на линија на нивната опсесија, сѐ што не е на линија на очигледни лаги, каде што борбата со уметници, спортисти, споменици личи на една страшна тоталитарна држава на која сите се сеќаваат. Специјално ќе внимавале на социјалните мрежи, говорот на омраза (би рекла повеќе се однесува на правото на причинско-последична анализа, или на здравиот разум). Ама тука сме ние во предност. Тие не знаат дека и ние самите сме способни да се самоцензурираме, да се обвинуваме, следиме, навредуваме, лепиме етикети и пронаоѓаме шпиони на „штетните странски служби“. Без докази, се разбира. За тоа сме шампиони, дури поголеми од загадувањето на Скопје и на Тетово и од „епидемијата на корупција“.
Да живее слободата на говорот! Благодариме, Европо, што е многу арно, не е на арно.