Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, неочекувано пристигна во Франкфурт, соопшти полицијата на социјалната мрежа Екс, цитирана од Укринформ.
Органите на редот информираат дека поради посетата на Зеленски на Хесен, движењето во целиот регион е ограничено. Подоцна беше најавено укинување на ограничувањата.
Укринформ додава дека според весникот „Билд“, украинскиот претседател го напуштил Франкфурт и заминал во Визбаден.
Според германската полиција, Зеленски слетал на аеродромот во Франкфурт, а потоа ја посетил касарната на американската армија „Клеј“ во Визбаден, на околу 30 километри западно.
– Уште еднаш се уверив во одличниот квалитет на американската воена помош за Украина. Тоа е исклучително важно за нашата победа – напиша Зеленски на „Екс“.
Тој додаде дека очекува Конгресот во Вашингтон многу брзо да донесе одлука за продолжување на помошта за Киев.
Претходно, украинскиот лидер беше во Осло, Норвешка, по патувањето во Аргентина и САД.