Почнува Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“
„Сите сме исти. Јас и ти“ е слоганот на 5. Интернационален фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, кој ќе се одржи од денеска до 17 октомври во Скопје во Театарот за деца и младинци, Македонскиот народен театар и во Драмскиот театар. Со овој фестивал, Скопје повторно ќе биде центар на случувањата на македонските и европските театри во детско-младинската продукција во Европа. На фестивалот ќе гостуваат претстави од земјава, од Србија, Хрватска, Чешка и од Шпанија, а презентерите на работилниците ќе бидат со гости од Бугарија, Грција и Босна и Херцеговина. На фестивалот учествуваат истакнати автори, режисери, актери, драмски писатели. Фросина Карловицс, в.д. директорка на Театарот за деца и младинци-Скопје, истакна дека петтото издание на фестивалот „Игор Маџиров“ е значаен момент за Театарот за деца и младинци и за континуитетот на оваа меѓународна манифестација.
– За нас, фестивалот е можност нашата публика да види различни театарски претстави, а нашите уметници и соработници да разменат искуства со колеги од другите средини. Нашата одговорност како домаќин е да обезбедиме услови за тие средби и да ја зачуваме врската помеѓу фестивалот и неговата најважна публика – децата и младите. Пораката „Сите сме исти – јас и ти“ ја гледаме како покана за блискост и разбирање, но и за потсетување дека културата треба да биде достапна и отворена – посочи Карловицс.
Претстави што ги поттикнуваат интелигенцијата и фантазијата
Фестивалот и оваа година се одржува под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. И оваа година фестивалот се реализира со поддршка од Министерството за култура и туризам во скромен износ од 600.000 денари.
– Станува збор за скромна финансиска поддршка во однос на обемот на меѓународната програма што ја имаме, како и организациските потреби што ги имаме. Благодарни сме за поддршката, а истовремено сметаме дека континуираното вложување во Театарот за деца и младинци заслужува поголемо внимание – дополни в.д. директорката.
Селекторката на годинешната програма Катерина Илиевска-Силјановска посочи дека оваа година програмата е внимателно избрана, бидејќи, како што рече, детската и младинската публика не е за потценување.
- Затоа, во процесот на селекција трагав по претстави што не ја потценуваат нашата публика, туку, напротив, ги поттикнуваат нејзината чиста интелигенција и фантазија. И во време на социјални медиуми и брзи спотови, брз начин на живот, овие клипчиња што ги гледаат младите, ете сакавме да доближиме нешто што е блиску до нив, а сепак живата материја – театарот не може да се замени со тие брзи видеа и нивните интереси. Мислам, нивните интереси се знае дека се повеќе насочени кон социјалните медиуми, но сепак театарот е тука за малку од малку да им го промени тој начин на размислување – рече таа.
Таа истакна дека сцената е местото каде што границите исчезнуваат, а различностите остануваат наше најголемо богатство и токму затоа го искористиле и слоганот „Сите сме исти – јас и ти“.
Фестивалот започнува со драмско-куклената претстава „Која е Лорет“
Фестивалот започнува со наша театарска претстава што е лауреат, драмско-куклената претстава „Која е Лорет“. Нашите претстави нема да бидат во официјална конкуренција, туку се во оф-програмата.
-Наредниот ден веќе започнуваме со претставата „Пинокио“ од Народниот театар од Битола. Претстава во која има сегменти од различностите, начинот како да бидеш подобар, поубав… Во вториот фестивалски ден имаме и една презентација на УНИМА, која е асоцијација на куклените театри во светот. Бидејќи сме дел од куклената сцена, убаво е да се презентира тој модел на менаџирање и на соработка со кукларството на ниво на светот. Ќе имаме презентери од Бугарија и од Мостар, Босна, кои ќе ни ја презентираат програмата за фестивалот УНИМА – додаде таа.
Следува претставата „Стара планина“ од Крагуевац, Србија, куклено-визуелна претстава, без зборови. Следната претстава е „Со балон над Кападокија“, претстава што доаѓа од Осиек, Хрватска, која исто така зборува за заробената душа и борбата да се ослободи таа душа. Потоа е претставата „Слатки зборови“, претстава за најмладите. Самото име ви кажува дека со користење некои одредени зборови се постигнува голема работа. Оваа претстава доаѓа од Риека, Хрватска.
Третиот фестивалски ден ќе гостува и Матилда Коралес од Грција, која ќе говори за менаџирањето на интернационалните театарски фестивали и исто така за креирањето костими и на кукли – како куклите би требало да изгледаат, карактерот на куклата. Во 19.30 часот е претставата „Лемба“ од Малага, Шпанија, на театарот „Анхелес де Трапо“. Четвртиот фестивалски ден ќе гостува куклената претстава „Пилотот и малиот принц“ на Театарот од Острава, Чешка. Во 13 часот е претставата од Скопје, од приватниот Театар за тебе, „Чуварот на последното дрво“, претстава што зборува за екологијата. Истиот ден во 19.30 часот игра Театарот за деца и младинци со претставата „Садако сака да живее“, претстава што е наменска за војната и за случувањата по војната во Јапонија, по паѓањето на бомбата во Хирошима. Тоа, како што посочи Илиевска-Силјановска, се детски претстави, но за малку поголеми деца, над 11 години, поради силните теми што ги обработуваат.
Последниот фестивалски ден, 17 октомври, ќе гостува „Црвенкапа“ на Театарот од Нови Сад, Србија. Вечерта во 19.30 часот се затвора фестивалот со претставата „Дрвјанковци“ на театарот „Пинклец“ од Чаковец.
































