Фото: МВР

Сите дилеми и прашања кои јавноста ги има целосно ќе бидат расчистени во истрагата и сите ќе бидат информирани во првиот момент кога тоа ќе биде можно, кажа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во денешното издание на „Само интервју“ на телевизија „Канал 5“, во врска со случајот со убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски.

Спасовски уште еднаш посочи дека сериозни истраги не се водат по медиуми и социјални мрежи и дека исказите коишто полицијата и јавното обвинителство ги имаат се дадени од страна на осомничените во полиција и пред јавен обвинител, соочени со доказите и врз основа на сѐ што е утврдено во истрагата.

Во однос на шпекулациите околу возилото искажани од страна на некои пратеници од опозициска партија, според кои МВР знаело дека возилото е исчезнато уште од 22 ноември, Спасовски излезе со контрааргумент дека МВР не може да знае два дена пред воопшто да биде доставена пријава во СВР Велес. А таква пријава била доставена вечерта на 24 ноември. Министерот потенцираше дека сите тврдења во јавноста од страна на луѓе коишто заради политички поени ќе газат и по мртви души, се најмалку потребни во овој момент.

– Значи, пријавувањето е на 24-ти, вечерта, и оттука почнуваат потрагите во Велес, а во Скопје започнуваат во моментот кога е пријавен таков настан во Скопје. Не би сакал да навлегуваме во политиканство. Тие теории на заговор се исклучиво за политиканство и за ништо повеќе – рече министерот Спасовски.

Од аспект на точната траекторија на возилото, министерот Спасовски потенцираше дека доказ и потврда ќе бидат камерите извадени од објекти и од системот „Сејф сити“.

– Јас знам дека сензацијата е, исто така, важна во вакви моменти и да – вадење на одредени камери од приватни објекти итн. – сето тоа е во рамките на таа сензација. Меѓутоа, тоа не е потврда и доказ. Доказот и потврдата ќе бидат 70-тината камери коишто се извадени, нивните записи, коишто се вештачат и се доставени и се доставуваат до Јавното обвинителство и над 50 снимки коишто се извадени од „Сејф сити“. Сето тоа кога ќе се изанализира, ќе се потврди и ќе се знае во детали секоја поединост во целиот овој случај, сите овие аспекти – времето, траекторијата – ќе се утврдат низ таа легална постапка – дециден беше министерот Спасовски.