Специјалното обвинителство на Косово подигна денеска обвинение против четири лица, осомничени дека во декември минатата година, во текот на локалните избори во Косово, фрлиле рачни гранати и шок-бомби врз канцеларијата на општинската изборна комисија во Северна Митровица, јави дописникот на МИА од Приштина.
Обвинетите, косовски Срби, идентификувани во соопштението на Обвинителството со иницијалите М.М., А.В., Д.П. и М.В., се товарат за кривичното дело тероризам, со оглед дека „сериозно го загрозиле животот на официјалните лица на ЦИК (Централната изборна комисија на Косово) и на припадниците на косовската полиција“.
– Со цел сериозно заплашување на населението, незаконско принудување на јавен орган, во случајов ЦИК, да ги оневозможи локалните избори, како и со цел да се дестабилизираат или уништат основните политички и уставни структури на Република Косово обвинетите, заедно со засега неидентификувани лица, извршиле терористички напад со фрлање две гранати и две шок-бомби во правец на гореспоменатата висока канцеларија, при што експлодирале една граната и две шок-бомби и е причинета значителна материјална штета и сериозно се загрозени животите на функционери на ЦИК и полицајци – се вели во соопштението.
Косовските медиуми објавија дека меѓу обвинетите се Милун Миленковиќ и Дејан Пантиќ, поранешни припадници на косовската полиција, кои и претходно беа апсени.
Пантиќ беше уапсен на почетокот на оваа година, како главен осомничен за нападот на канцелариите на ЦИК минатиот декември, додека неговото апсење предизвика тензии во северно Косово, населено со мнозинско српско население. Граѓаните таму поставија барикади на главните патишта кои водат до граничните премини со Србија, Јариње и Брњак.
Барикадите беа отстранети по неколку недели, но само откако судот му го замени на Пантиќ притворот со домашен притвор.
Милун Миленковиќ – Луне, кого косовските медиуми го опишуваат како „еден од водачите на нелегалната организација, поддржувана од Белград, ‘Цивилна заштита’ и организатор на нападите врз припадниците на КФОР и косовската полиција“ на протестите против градоначалниците Албанци во општините со мнозинско српско население, беше упасен во јуни годинава. Тој беше обвинет за тероризам, промена на уставниот поредок преку насилство и загрозување на лице под меѓународна заштита.
Апсењето на Миленковиќ предизвика дополнително влошување на односите меѓу Приштина и Белград, нови протести на косовските Срби и, генерално, зголемување на напнатоста во северно Косово.