Во Младинскиот културен центар, до 25 декември, ќе може да се погледне изложбата со скулптури на младиот уметник Митко Дамјановски со наслов „Зодијак“.
Митко Дамјановски е роден во Кавадарци во 1996 година. Завршил во средното училиште за применета уметност „Лазар Личеноски“ во Скопје, на отсекот вајарство во 2014 година, и дипломирал на Факултетот за ликовни уметности на насоката вајарство во 2019 година.
Изложбата „Зодијак“ е прва самостојна изложба на Митко Дамјановски. Таа е резултат на истражување во апстрактното творештво низ комбинации на различни материјали. Целината од дванаесетте дела што ги претставуваат хороскопските знаци од зодијакот се претставени во апстрактна форма. Во овој проект се подвлекува паралелата помеѓу секој знак како уникатен спој на особини што оформуваат еден карактер и асоцијативната моделација, која ја овозможуваат избраните ликовни елементи и принципи.