Австрија најавува дека е подготвена да размисли за ограничено враќање на своето вето за пристапување на Бугарија и Романија во безграничната шенген-зона, доколку Брисел се вклучи за да поддржи посилно полициско работење на границите на блокот. Виена наведе три услови за укинување на ветото, за романските и бугарските аеродроми да станат дел од зоната за патување без пасоши

Уште еден аргумент во прилог на тоа дека уценувачките политики во ЕУ се легитимизираа како „европски“

Охрабрена од успехот на уценувачкиот пристап што го имаше кон Македонија, Бугарија смисли начин како да добие адут во своите раце со што ќе ја притисне Европската Унија да ѝ дозволи влез во шенген-зоната.
Имено, Бугарија и Романија чекаат повеќе од една деценија да се приклучат на шенген-зоната и постојано се одбивани поради проблеми со владеењето на правото и корупцијата, но и поради одредени безбедносни аспекти, кои очигледно овие две земји членки на Унијата не ги задоволуваат. Затоа последните неколку години Австрија и Холандија постојано истакнуваат дека немаат доверба оти овие две земји се подготвени за таков чекор. Минатиот декември, Австрија дури предизвика гнев во Софија и Букурешт, кога го блокираше нивниот пристап во зоната за слободно движење на ЕУ. Спорот трае со месеци, при што Букурешт дури и се закануваше дека ќе ја тужи Виена за обесштетување од милијарди евра. За разлика од Романија, која само гласно протестираше, Бугарија се досети преку уцени и пазарење со ЕУ да прави притисок и на тој начин да добие концесија за прием во шенген-зоната.
Имено, пред неколку месеци, официјална Софија најави воведување транзитна такса за рускиот гас преку нејзина територија. Од оваа „најава“, за која сепак немаше поддршка од ЕУ, најзасегнати беа соседните земји на Бугарија (Унгарија, Србија, Македонија, па и Грција), кои Софија овој пат се чини ги искористи како „заложници“ за својот интерес за влез во шенген-зоната. Во пресрет на самитот на ЕУ и објавата дека Австрија размислува да ја намали категоричноста на своето вето за парцијален влез на Бугарија во шенген-зоната, во Софија експресно беше „укината“ таксата за транзит на руски гас.

Шенген само за бугарските и романските аеродроми

Сега, Австрија најавува дека е подготвена да размисли за ограничено враќање на своето вето за пристапување на Бугарија и Романија во безграничната шенген-зона, доколку Брисел се вклучи за да поддржи посилно полициско работење на границите на блокот. Виена наведе три услови за укинување на ветото, за романските и бугарските аеродроми да станат дел од зоната за патување без пасоши.
Австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер во понеделникот изјави за јавниот радиодифузен сервис ОРФ дека Виена ѝ соопштила на Европската комисија „јасни услови“, кои треба да се исполнат, за да може таа да размисли за дозволување патување без пасоши до и од аеродромите во Романија и Бугарија. Тоа е само првата фаза. Проверките на копнената граница засега ќе останат во сила.
– Поентата е дека ни треба напредок во областа на заштитата на надворешните граници на ЕУ. Сега е на ред комисијата – рече Карнер, повикувајќи на „масивни“ приспособувања.
Прво што бара австриската влада е да се обезбедат средства за тројно зголемување на сегашното распоредување на граничните сили на Фронтекс во Бугарија и Романија. Австриските претставници, исто така, ќе треба да бидат распоредени во двете земји.
Второ, Виена инсистира Бугарија и Романија да ги надградат своите надворешни граници со непрекината ограда, што ќе ги затвори овие две земји од соседните земји, кои не се членки на ЕУ, особено од Србија и Турција.
Трето, двете југоисточни земји на ЕУ ќе мора да прифатат луѓе на кои им е одбиен азилот во Австрија и први влегле во блокот преку Романија или Бугарија. Тој услов ги спроведува постојните правила според таканаречениот договор од Даблин, кој бара од барателите на азил да ги поднесат своите барања во првата земја на ЕУ до која стигнале.

Сомнежите на Холандија за подготвеноста на Бугарија и натаму постојат

Пред една година, вето имаше и Холандија, но само против Бугарија. Фазното пристапување, прво со аеродромите, а во подоцнежната фаза и копнените граници, и претходно се сметаше за компромис. Но и Австрија и Холандија се спротивставија на идејата.
Австрија ѝ кажа на комисијата дека ќе отстапи доколку се спроведат три мерки, но Холандија соопшти дека ѝ е потребна дополнителна процена за подготвеноста на Бугарија, но дека е подготвена да ја прифати Романија. Холандскиот министер за имиграција Ерик ван дер Бург им рече на новинарите во Брисел минатата недела дека треба да ги анализира резултатите од мисијата за проверка на факти на ЕУ во Бугарија, што неодамна се одржа. Но исто така истакна дека за секоја одлука ќе му треба одобрение од холандскиот парламент.
– Ако ги имаме сите информации и можеме да видиме дека Бугарија ги направи работите што треба да ги направи, ќе одлучиме кога е моментот за Бугарија – рече Ван дер Бург.

ЕК ја поздрави „попустливоста“ на Австрија

Сепак, комисијата ја поздрави најавата на Австрија како „позитивна“, додавајќи дека таа е подготвена да обезбеди поддршка, вклучувајќи и со засилување на распоредувањето на Фронтекс на границите.
Не е даден временски распоред за мерките што треба да се исполнат по барање на Австрија, но веројатно нема да стапат во сила оваа година.
И Романија и Бугарија го поздравија австрискиот потег како прв чекор и рекоа дека сакаат брзо да постигнат полноправно членство. Ј.П.