Во издание на „Бата прес“ излезе од печат романот за деца и млади „Лето на езерото Чиче“ од хрватската писателка Јасминка Тихи-Степаниќ. Книгата на македонски ја преведе Ненад Баткоски. Објавувањето на ова дело е поддржано од Министерството за култура и од ЕУ, во рамките на проектот „За нивната иднина“, со кој „Бата прес“, оваа и наредната година во програмата „Креативна Европа“, објавува петнаесет книги за деца и млади од петнаесет познати европски автори.
Романот за деца и млади „Лето на езерото Чиче“ има повеќе изданија, што најубедливо зборува за неговиот квалитет и популарност меѓу младата читателска публика. Езерото Чиче е вештачко езеро, настанато со ископување чакал во близината на Велика Горица, кај Загреб. Станува збор за возбудлива, психолошка, романтична, еколошки бунтовна и трагична сторија…, сведоштво за нашето време.
Јасминка Тихи-Степаниќ е родена во 1958 година во Велика Горица. Дипломирала на Филозофскиот факултет во Загреб, каде што стекнала диплома за професорка по хрватски јазик. Нејзиниот прв роман „Имаш Фејс?“ ја доби наградата „Мато Ловрак“ за најдобар роман за млади објавен во 2011 година, а истоимената радиоигра е наградена на Деветтиот меѓународен фестивал за радиоигри за деца и млади во Братислава. Авторка е и на романите „Ќе ти го фрлам компјутерот низ прозорецот“ (2013), „Мојата непријателка Ана“ (2016), „Домот зад жицата“ (2017), како и на збирката раскази „Токму како Хари Потер“ (2014). Романот „Лето на езерото Чиче“ излезе во 2018 година и за него авторката ги доби наградите „Григор Витез“ и „Мато Ловрак“ за најдобар роман за млади, како и меѓународната награда „Малиот принц“.
Романот „Каде е Беата?“ е објавен во 2020 година, а „Нараквицата за Матилда“, кој зборува за актуелните општествени состојби и предизвици, излезе од печат во 2021 година.