Имајќи предвид дека е извесно земјава да не добие зелено светло за одржување на втората меѓувладина конференција со ЕУ на декемврискиот самит и на тој начин да биде раздвоена од Албанија, сосема е логично да се послушаат повиците на повеќето домашни експерти, професори, аналитичари, интелектуалци и на невладиниот сектор, земјава да се зафати со сериозни внатрешни реформи и тоа да биде нејзината основна цел кон која ќе се стреми во периодот додека Унијата не биде подготвена за проширување

Најновите истражувања покажуваат дека
граѓаните на клучните земји членки на ЕУ
не се за проширување

Повеќе од извесно е дека процесот на проширување на Европската Унија влегува во ќор-сокак, без оглед на најавите на дел од домашните политичари, кои тврдат дека Македонија ќе остане во чекалницата бидејќи не ги спроведе уставните измени, а Албанија сама ќе зачекори по европскиот пат и ќе биде одвоена од заедничкиот пристапен пакет.
Сепак, она што може да се насети во Брисел кога станува збор за проширувањето, тоа е дека земјите ги очекува долг и неизвесен процес, имајќи предвид дека следното лето претстојат европски избори и нов распоред на силите, од што ќе зависи во кој правец ќе се движи Унијата, дали ќе се проширува или, пак, ќе се посвети на сопствените проблеми.
Потврда дека е многу поверојатно второто сценарио се резултатите од најновото истражување направено по барање на Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР), во пресрет на Самитот на Унијата на кој ќе се расправа за проширувањето.
Резултатите покажуваат дека кај граѓаните на клучните членки на Унијата, Австрија, Данска, Германија и Франција, преовладува мислењето дека ЕУ не треба да размислува за проширување со нови членки во моментов, особено не со земјите од Западен Балкан, додека кога станува збор за Украина, Европејците се многу повеќе наклонети да ја видат оваа земја во европското семејство отколку земјите што повеќе од 20 години се трудат да станат дел од ЕУ. Поддршка за проширување со Македонија и другите земји од Западен Балкан даваат граѓаните на Романија и на Полска, каде што поддршката за проширувањето е силна, но од друга страна, политичката моќ на овие две земји не е таква тие да ги диктираат процесите.
Анкетата спроведена во шест земји членки на ЕУ (Австрија, Данска, Франција, Германија, Полска и Романија) покажа поделеност за можниот прием на Македонија во ЕУ. Имено, 26 отсто од анкетираните сметаат дека земјата треба да се приклучи кон европското семејство, додека 27 отсто велат дека „не треба да се приклучи“. Според анкетата, 25 отсто од испитаниците „не знаат“, а 22 отсто се индиферентни за ова прашање.

Погледнато одделно по држави, во Австрија 39 отсто се „против“, а 30 отсто се „за“ Македонија да влезе во Унијата. Во Франција 34 отсто од испитаниците биле против, а 15 отсто дале поддршка на идејата за влез на Македонија во ЕУ, додека во Германија – 36 отсто велат „не треба“, а 22 отсто треба Македонија да биде дел од Унијата. Слично е расположението и во Данска, каде што 30 отсто се противат на пристапувањето на земјата кон европското семејство, наспроти 23 отсто, кои сакаат Македонија да биде дел од ЕУ.
Сето ова најдобро го отсликува расположението кај клучните европски играчи во врска со проширувањето, а имајќи предвид дека е извесно земјава да не добие зелено светло за одржување на втората меѓувладина конференција со ЕУ на декемврискиот самит и на тој начин да биде раздвоена од Албанија, сосема е логично да се послушаат повиците на повеќето домашни експерти, професори, аналитичари, интелектуалци и на невладиниот сектор, земјава да се зафати со сериозни внатрешни реформи и тоа да биде нејзината основна цел кон која ќе се стреми во периодот додека Унијата не биде подготвена за проширување.
Во овој момент и да се случи некакво чудо, односно Бугарија да дозволи одржување меѓувладина конференција за Македонија и без уставните измени, а Грција да го одложи ветото за Албанија што претходно го најави, тоа повторно нема да значи ништо ако ЕУ не планира скоро да се шири.
Затоа, наместо постојано да се чекаат некакви вести, најчесто негативни, од самитите на европските челници во декември и јуни, крајно време е домашните политичари да се зафатат со она што е клучно во преговарачките поглавја, како воспоставување функционално владеење на правото и започнување ефикасна борба со корупцијата и криминалот. Тоа се две клучни работи што ќе ја направат земјава целосно подготвен кандидат за преговори со ЕУ кога тоа и да се случи, а подготвен кандидат значи и пократко преговарање.
– Неважно е дали ќе биде одвоен пакетот Македонија – Албанија, иако лично мислам дека ако влегува, цел Западен Балкан ќе влезе во ЕУ, одделно нема да примаат. Покажуваат внатрешните истражувања во Унијата дека европските граѓани не сакаат проширување и ниту една политичка елита нема да оди спротивно на волјата на оние што гласаат за нив. Затоа, наместо да чекаме вести од самит на самит, да почнеме нешто да работиме оти вака ќе ја загубиме и државата. И да почнеме преговори и да не почнеме, исто ни доаѓа, проширувањето нема да се случи додека ЕУ не си ги среди внатрешните состојби. Додека тие ги средуваат нивните состојби, крајно време е и ние да ги средиме нашите – посочуваат соговорниците. С.Т.