В петок, од 16 до 20 часот, издавачката куќа „Антолог“ ќе објави шест нови книги, ќе организира средби со десетина македонски писатели, ќе ја започне својата новогодишна акција и ќе приреди голема предновогодишна забава отворена за публиката.
– Време е да ѝ се препуштиме на магијата на најубавиот период од годината – новогодишните празнувања, затоа ги покануваме сите вљубеници во книгата во нивното најдраго празнично засолниште – книжарницата „Антолог“ во Центар, која ќе биде исполнета со прегратките на книгите, слатките мелодии на музиката, удобноста на топлите пијалаци и со необичните закуски. Настанот на 15 декември ќе биде совршена можност за дружба со другите пасионирани читатели, а наедно и со најактуелните домашни автори, кои во оваа пригода, меѓу другото, ќе ги потпишуваат и своите нови книги. Сè на сè, на најпосебен начин ќе ги заскокоткаме очекувањата на публиката. Ги покануваме сите наши читатели да ни се придружат во наздравувањето за спомените направени оваа година и приказните што допрва треба да се расплетат – велат од „Антолог“.
Во продажба одеднаш ќе се најдат дури шест нови наслови – три од македонски и три од странски автори, кои етапно ќе бидат разоткривани секој ден во текот на оваа недела. Првата книга што е најавена е меѓународната сензација „Смола“ од данската писателка Ане Рил. Станува збор за роман што „Гардијан“, „Телеграф“ и „Дејли експрес“ едногласно го прогласија за една од најдобрите книги во 2018 година, добивајќи ги четирите најважни крими-награди во Скандинавија и доживувајќи светска препознатливост. Досега е преведена во 31 земја, а во 2019 година е адаптирана во филм.
Ане Рил (1971) е данска писателка. Студирала историја на уметноста. Иако не го завршила факултетот, нејзината прва книга била токму за уметноста. Авторка е на четири романи, збирка раскази, како и на девет книги за деца, кои ги има илустрирано нејзината мајка, која е позната илустраторка. Екстремна популарност стекнува со нејзиниот втор роман, „Смола“. Често ја опишуваат како нов, возбудлив глас со освежувачки и оригинален стил. Живее со сопругот, џез-музичарот Алекс Рил, во близината на Копенхаген.