Селафилд во Велика Британија стана најопасното нуклеарно место во Европа, но и пошироко. Зошто? Имено, деновиве таму е забележано сѐ поголемо истекување од огромен силос со радиоактивен отпад, што со сигурност ќе претставува опасност за јавноста. „Ова може да биде полошо од Чернобил“, велат експертите, додавајќи дека „продолжувањето на испуштањето радиоактивен отпад во атмосферата ќе доведе до експлозии и ќе предизвика авионски несреќи“…
Од нуклеарна централа во Британија истекува радиоактивна течност
„Гардијан“ деновиве објави дека „се појавија пукнатини во бетонската и асфалтната површина во силосот Магнокс во Селафилд, Велика Британија, на нуклеарната централа над огромното езеро“. На тоа место нуклеарниот талог се складира со децении (овој „токсичен“ резервоар е познат и како Б30). Загриженоста за безбедноста на зградата што се распаѓа, позната и како силос Магнокс, во грофовијата Кумбрија, предизвика дипломатски тензии со САД, Норвешка и со Ирска, кои стравуваат дека Селафилд не успеал да ги реши проблемите.
Проблемот нема да биде решен до 2050 година?!
Истекувањето радиоактивна течност од една од „најголемите нуклеарни опасности“ во Велика Британија најверојатно ќе продолжи до 2050 година.
– Доколку се забрза овој процес (на истекување), може да има значителни последици, а една од нив е загадувањето на подземните води – се наведува во процените на изворите на „Гардијан“.
Нуклеарката Селафилд вработува 11.000 луѓе, а нејзина задача се складирање и обработка на нуклеарниот отпад од програмите за оружје и производството на нуклеарна енергија. Тоа е најголемиот таков објект во Европа.
И документ од ноември 2022 година, кој му бил достапен на „Гардијан“, предупредува на „кумулативен ризик“ од дефекти што се движат од нуклеарна безбедност до стандарди за азбест и пожар.
– Ризиците од истекување хемикалии во Селафилд се протуркани длабоко под тепих – изјави научник од експертската комисија што ја советува британската влада за влијанието на радијацијата врз здравјето.
Селафилд содржи значително повеќе радиоактивен материјал од нуклеарната централа Чернобил
Во извештајот на ЕУ пишува дека несреќата во Селафилд може да биде полоша од Чернобил, бидејќи Селафилд всушност содржи значително повеќе радиоактивен материјал од нуклеарната централа во Украина. Таму се наведува и дека испуштањето радиоактивен отпад во атмосферата ќе доведе до експлозии и ќе предизвика авионски несреќи.
– Несреќа на местото може да доведе до облак од радиоактивни честички што ќе се пренесат низ Северно Море, што потенцијално може да биде катастрофално за норвешкото производство на храна и дивиот свет – изјавува за „Гардијан“ загрижен висок норвешки дипломат.
Ирската влада, која е исто така загрижена за негативните влијанија врз животната средина, се обиде да преземе акција против Селафилд пред судот на ОН.
Во извештајот на Канцеларијата за нуклеарна регулатива (ОНР) во јуни се наведува дека Селафилд „смета дека сегашниот ризик од истекување е најмал“ и не претставува „никаков дополнителен ризик“ за персоналот и за јавноста.
И во 2019 година Селафилд пријави истекување од единицата за складирање
Во 2019 година Селафилд пријави истекување од единицата за складирање до ОНР, што значително се влоши во текот на следните две години, а претходно непријавен документ откри дека од објектот истекуваат помеѓу 2,3 и 2,5 кубни метри радиоактивна „течност“ секој ден. Споменатата течност содржи радиоактивни струганици од легура на магнезиум растворена во вода, а доаѓа од отпадната обвивка што го обвива потрошеното нуклеарно гориво Магнокс.
Инспекторите велат дека не е можно да се утврди колку пукнатини се формирале во силосот, па затоа користат претпоставки и моделирање врз основа на протекување од фабриката.
Б30, базенот што содржи нуклеарна тиња и кој е опишан како една од најопасните индустриски згради во Европа, е исто така голема закана. Тој, опишан од работниците во Селафилд како „Валканите 30“, содржи радиоактивен талог од кородирани прачки за нуклеарно гориво што се користат во старите електроцентрали.
„Гардијан“, повикувајќи се на доверлив извор, заклучува дека пукнатините во него се влошиле во последните месеци, нагласувајќи дека ако не се спречи тоа, Европа се наоѓа во сериозна опасност!