Лидерите на земјите од Групата 7 (Г7) ќе одржат онлајн средба со претседателот Володимир Зеленски.
Јапонскиот премиер Фумио Кишида вечерва ќе одржи онлајн самит на Г-7, на кој е поканет и украинскиот претседател Володимир Зеленски – соопшти на прес-конференција генералниот секретар на јапонскиот кабинет Хироказу Мацуно.
-Вечерва премиерот Фумио Кишида, во својство на претседавач со Г-7, планира да одржи онлајн разговори на лидерите на „седумката“. Покрај лидерите на „седумката“, на почетокот на средбата ќе присуствува и украинскиот претседател Володимир Зеленски – кажа Мацуно.
Според него, лидерите на Г7 планираат да разговараат за „важни прашања со кои се соочува меѓународната заедница“, вклучувајќи ја и ситуацијата во Украина, Блискиот Исток и прашањата поврзани со вештачката интелигенција.
Белата куќа претходно најави дека средбата ќе биде затворена за медиумите.