Илустрација: „Нова Македонија“

Според Уставот на независна Македонија од 1991 година, смртната казна е исклучена како можност од казнениот систем. За таквото конципирање на македонскиот устав поврзано со укинувањето на смртната казна се земени предвид повеќе фактори – од филозофските позиции дека смртната казна е остаток на „правдата“ на нецизвилизираното време со крвна одмазда до искуствата од правната практика дека опцијата за исправање на грешката при евентуална погрешна пресуда е невозможна

Јасминка Павловска
Даниела Трајковска Здравеска

Суровоста на злосторствата и ладнокрвната пресметливост на сторителите, на што наведуваат јавно објавените информации од истрагата, за убиствата на малолетната Вања Ѓорчевска и возрасниот велешанец Панче Жежовски, предизвикаа тага и голема вознемиреност на целото македонско општество. Како што минува времето, колективните емоции, акумулирани уште во деновите кога се трагаше по Вања (кога сѐ уште официјално се водеше како „исчезната“), сѐ повеќе ескалираат во барање соодветна казна за откриените сторители и учесници во злосторството. Во јавноста, претежно преку социјалните мрежи, се создава одредено мислење дека предвидените казни според Кривичниот закон (па и Уставот) во македонското законодавство не се доволно строго димензионирани за ваков вид злосторства. Дури на социјалните мрежи е активирана петиција за собирање потписи за враќање на смртната казна.
Според Уставот на независна Македонија од 1991 година, смртната казна е исклучена како можност од казнениот систем. За таквото конципирање на македонскиот устав поврзано со укинувањето на смртната казна се земени предвид повеќе фактори – од филозофските позиции дека смртната казна е остаток на „правдата“ на нецизвилизираното време со крвна одмазда до искуствата од правната практика дека опцијата за исправање на грешката при евентуална погрешна пресуда е невозможна. Покрај сето тоа, тенденцијата на земјите во Европа и во таа 1991 година беше укинување на смртната казна, а од 2003 година Европската Унија ги обврза кандидатите за членство да ја укинат оваа мерка, а тоа е предуслов и за прием во членството на Советот на Европа, меѓународна организација за права и демократски слободи.

Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд: Присуствував на извршувањето на последната смртна казна во Македонија

– Според нашиот устав, не може да биде досудена смртна казна! За евентуално враќање на смртната казна би требало да се менува Уставот. Не би навлегувал во дебатата за леснотијата на менување на Уставот, но враќањето на смртната казна не преставува позитивна опција за правниот систем, казнената политика и воопшто за правната држава во Македонија. Како претседател на суд, имав службена обврска да присуствувам на извршувањето на последната смртна казна во Македонија, спроведена во 1987 година. Осудениот беше осудуван за повеќе убиства, но и други кривични дела, а на смртна казна беше осуден поради сурово убиство на сопствената ќерка. Со сето и секакво искуство во судската практика, не би поддржал враќање на смртната казна. Искуството покажува дека нејзиното постоење како казнена опција сепак не придонесува за намалување на криминалот – вели Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд на Македонија.
Сепак, судијата Илиев смета дека за особено сурови злосторства, од какви што Македонија е вознемирена деновиве, потребна е измена на Кривичниот закон, во насока на построго спроведување на казната доживотен затвор.
– Во сегашниот закон немаме казна со која соодветно би бил казнет криминалот од ваква димензија на организирано убиство на невини жртви, за лукративна цел, како што кажуваат информациите од истрагата. Највисоката казна сега е доживотен затвор, која во практика најчесто се извршува 15-20 години. За вакви злосторства би требало да се воведе казна доживотен затвор без можност за помилување, или повеќекратни осуди на доживотен затвор, за секое од сторените кривични дела. Ноторна вистина е дека помилувањата, па и на казнетите со доживотен затвор, кај нас во голема мера зависат од политичката констелација. Со воведување на казната доживотен затвор без можност за помилување се исклучува можноста сторители на вакви тешки кривични дела да бидат помилувани, без оглед кој би бил претседател и на промените на политичките констелации – препорачува судијата Дане Илиев.

Кренар Лога, министер за правда: Мислам дека смртната казна би била спас за тие монструми

Актуелниот министер за правда Кренар Лога на новинарско прашање за петицијата за воведување смртна казна одговори дека и тој е гневен како и секој граѓанин на оваа држава и дека Уставот ја забранува смртната казна, но исто така имаме и усвоени протоколи и други конвенции со кои се забранува смртната казна.
– Јас сум меѓу тие граѓани во оваа држава што мислат дека смртната казна би била спас за тие монструми и сум на таа страна тие да ја доживуваат казната до крајот на својот живот, во нивната свест што имаат направено – рече Лога.
Универзитетскиот професор по кривично право Гордан Калајџиев предупредува на внимателност во изјавите на официјалните лица вклучени во истрагата на злосторствата, но и на надлежните за правно процесирање на случајот. Во тој контекст, Калајџиев смета дека и министерот за правда треба да внимава на изјавите поврзани со барањата за враќање на смртната казна, зашто секоја невнимателност ја подгрева ситуацијата.
– Колку и да е вознемирена јавноста (со право), надлежните органи на прогон мора да бидат професионални и изјавите што ги даваат да бидат одмерени, без повреда на пресумцијата на невиност. Медиумската кампања може исто така да биде аргумент за тоа дека осомничениот воопшто немал услови за фер судење – предупредува професорот Калајџиев на социјалните мрежи.

Мирјана Најчевска: Пет причини зошто не смее во Македонија да има смртна казна

Професорката Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки и правнополитички истражувања експлицитно наведува зошто не смее во Македонија да има смртна казна.
– Зошто не смее да има смртна казна?
1. Затоа што секогаш постои можност од грешка и во тој случај казната станува убиство.
2. Затоа што за различни групи луѓе има различни нешта поради кои би требало да се изрече смртна казна (за некого смртна казна треба да се изрече за сексуална ориентација, навреда на верата, навреда на власта, предавство…).
3. Затоа што државата има легално право за употреба на сила и смртната казна би ја направила државата колективен убиец.
4. Затоа што државата со леснотија може да ја злоупотреби за заплашување и отстранување на секој противник на власта.
5. Затоа што податоците покажуваат дека државите во кои се применува немаат помалку, туку повеќе насилство и убиства – наведува професорката Најчевска неколку аргументирани причини против смртната казна.
Првичниот заклучок од повеќе сублимирани истражувања и дебати за (не)оправданоста на смртната казна е дека кога таа се воведува никогаш не е наменета само за конкретните сторители, туку е за сите во општеството! А практиката покажала дека често е баш за оние што не ја заслужуваат. Досега 70 отсто oд државите во светот jа укинале смртната казна, а првата причина за тоа е сознанието дека смртната казна не придонесува во намалување на криминалот. Анализа од 2020 година покажува дека 9 од 10 држави со највисоки стапки на убиства се токму држави во кои има смртна казна. Додека 8 од 11 држави со најмала стапка на убиства ја укинале смртната казна. Смртната казна не само што не ја намалува стапката на убиства туку не ги решава ниту проблемите што го предизвикуваат криминалот. Она што е најзагрижувачки е дека кога луѓето бараат да се воведе смртна казна, обично немаат на ум превенција туку одмазда. Додека смртната казна е легална има потенцијал да биде злоупотребена, нагласуваат сите наши соговорници.