Грција ѝ акна вето на Албанија. Причина е некој албански градоначалник, претпоставувам Грк, кој е во затвор за изборен криминал. Не знам, не следам, не ме ни интересира искрено, ама кога станува збор за Грција, за ветото може да биде причина и фактот што во Албанија по недела доаѓа понеделник, ама тој понеделник некако секогаш изгледа намуртено и антигрчки расположен. Она во што сум убеден е дека Грција е само машата, како и во случајот со Македонија, а раката секако е на Европската Унија. Жими лисабонска декларација! Сакам да ви кажам дека држави како Македонија, Албанија, Босна никогаш нема да влезат во ЕУ, па дури и Македонија да се ослободи од Нордистан и да стане економски силна држава каде што се почитува правото, а во Албанија оној ист градоначалник го стави премиер, ЕУ пак ќе измисли нешто и преку некоја своја членка ќе стави вето. Слободно не ми верувајте, не ми верувавте ни за името, ни за идентитетот, ни за однесувањево на Бугарите, за кое ви пишував дека ќе следува веднаш штом ќе попуштиме пред грчката налудничава психоза од ЕУ-клиниката за лечење фрустрации, ама времето ќе покаже.
Секако, нема да ме зачуди ако тука, во Нордистан, во меѓувреме дознаеме дека за грчкото вето кон Албанија е виновен Мицковски, чие тајно име е Мицкотакис. Нормално, вам кои сега превртувате со очи, сигурно ви се чини ова крајно глупаво и бесмислено, ама ние што се разбираме во тврда езотерија, хардкор алхемија, трансцедентна депилација на умот и логиката, точно знаеме дека тоа е вистина. А кој друг ако не Мицковски? Па, ако беше виновен за негативниот извештај што ЕУ му го склепа на Нордистан, зошто да не биде виновен и за ова?
Искрено, како познат евроскептик, не се потресувам многу што Нордистан нема ЕУ иднина, а Албанија остана без неа, но чувствувајќи се како суверен носител на американски дух, каубојски шешир и тексашки акцент во бугарскиот дијалект, гадно се изнервирав кога сфатив дека тој ист Мицковски е виновен за смртта на Кисинџер.
Е па, го пукна човекот, го умре во најубавите години. Не прифаќаме уставни измени, па не прифаќаме уставни измени! И како после да не умре човек од мака, макар и на сто години? А добро знаеме колку Кисинџер, сеедно што не е така, се залагаше Бугарите да влезат во устав, по што Нордистан ќе влезе во ЕУ, а ЕУ ќе излезе и ќе поседи надвор од умот и сите заедно ќе ја пееме американската химна со англиски дијалект на бугарскиот јазик.
Да, секако дека планирав да ја посветам цела колумна на советот на ОБСЕ, таа грандиозна собиранка што ја вибрира целата вселена и ги полни црните дупки со бели зајчиња, кои го прават светот да биде земја на чудата додека излегуваат од шешири и шират позитивна магија, нормално дека сакав да ви пишувам за милозвучната музика на хеликоптерите и посадените полицајци на секој чекор по улиците, но и за озарените лица на нордистанските политичари и новинари чии насмевки емитираа радост низ новата нордистанска нормалност, ама прво морав да ги посочам аномалиите што може да ни ја згрешат трасата на автопатот кон иднината.
Значи, ОБСЕ во Скопје. На едно место собрани најважните луѓе на планетата, односно, како што се вели, светската политичка крема за сончање во рајот и омекнување на вашите души огрубени од банални потреби како храна, спокој, работа, мир и едноставност. И сè ќе беше прекрасно и божествено ако оној безобразник Лавров не ја нарушеше со своето присуство идилата што меѓу себе ја ткаеше и плетеше убавиот демократски политички крем за мачкање на кришките од лебот наш насушен. Да, веројатно Мицковски со кодно име Мицкин е виновен за присуството на Лавров, но да прејдам на суштината.
Ме мачат неколку суштински прашања. Се сретнаа ли добриот и нежен Блинкен и неранимајкото Лавров на маргините на здравиот разум? Од некои подземни врутоци и извори дознав дека првиот заминал во мигот кога вториот пристигнал. Дали тоа значи дека се разминале? Дали разминувајќи се, се удриле еден со друг, онака грубо и заканувачки, рамо со рамо, по што следувал врвен етичко-дипломатски дијалог од типот: „Глеј кај одиш!“, „Тебе ќе те прашам кај да одам!“, „Шо ме глеаш така?“, „Ај, мрш!“, „Ти, мрш!“, по што секој си продолжил по својот пат. Е сега, многу ми е важно да знам, ако се сретнале, што не си кажале, или ако не се сретнале, што точно си кажале? Може и ова ви звучи бесмислено, ама не заборавајте, ние тврдите езотерици… и така натаму.
Друго прашање што страшно ме измачува деновиве е зошто, побогу, Лавров дојде со сто и кусур луѓе. За жал, на тоа прашање веднаш добив одговор. Ми го даде тоа безобразно копиле, тој маалски циник што живее во соседната уличка на мојата потсвест. Штом доаѓа со сто и кусур луѓе, ми рече, гарант е дојден да ве окупира, оти толку му се потребни за да го среди Нордистан. Среќа што сте членка на НАТО, продолжи, инаку ќе дојдеше со педесетина. Гледате ли какви сè битанги чува човек како потстанари во својата потсвест?
Ми измачува и прашањето зошто самитот со поклопи со 29 ноември. Кој го смисли тоа? Каква заднина има симболиката? Дали лошите Руси ни го подметнаа овој датум намерно, а ние не забележавме бидејќи бевме зафатени со лижење на прагот пред вратата на Уставот што треба да ја отвориме за да влезат Бугарите, а потоа да нè внесат во ЕУ изнесувајќи нè од здравиот разум? Ако е така, тогаш сигурно Русија сака симболично да ни порача дека западната ОБСЕсивна љубов наскоро крваво ќе се распадне како Југославија. Но, ако се Американците, тогаш тоа не е подметачнина, туку плански избран датум за да се покаже дека западната цивилизација живее во братство и единство, САД се Маршал Тито, а ЕУ е Едвард Кардељ, кој во духот на џендер-идеологијата може да се чувствува и како Милка Планинц. Ама ете го повторно она проклето копиле, циникот скриен во потсвеста со муабетот, ало, глупчо, тоа иронијата, травестијата и гротеската ви праќаат заедничка порака, која гласи, ви се погоди 29 ноември затоа што тогаш Македонците не стигнаа до Јајце, а денес, за Нордистан, Јајце е Брисел, ама додека стигнете преку седум НАТО реки и уште толку ОБСЕ планини, ќе си добиете сматок или, поедноставно, не стигнавте во Јајце, а сега трчате по сматок.