Авнојска Југославија – првата меѓународно признаена македонска држава

Зошто 29 ноември 1943 година е значаен ден за македонскиот народ, кој мора и натаму достојно да се одбележува? На Второто заседание АВНОЈ се конституира во законодавно и претставничко тело на Југославија, а се усвојува клучната одлука дека идната држава ќе се гради на демократски принцип како државна заедница на рамноправните народи. Основачи на таа државна заедница се пет народи, меѓу кои и македонскиот, кои ќе бидат организирани во шест држави, меѓу кои и Македонија. Исто така, јасно е поставена и надворешната политика на идна Југославија, како сојузник во антифашистичката борба предводена од САД, СССР и ОК. Воениот виор оневозможи во Јајце да допатуваат делегатите од Македонија, Косово, Санџак, централна Србија и Војводина, но преку радиоврска тие ги потврдија одлуките на АВНОЈ и ги номинираа своите претставници во органите на идната југословенска власт. Токму споменатиот Димитар Влахов е избран за потпретседател на АВНОЈ, како жива врска со македонската држава во создавање со историското ВМРО и со илинденската епопеја.

Само два дена потоа, на техеранската конференција на „големата тројка“, олицетворена во Рузвелт, Сталин и Черчил, југословенските партизани се признаени за рамноправен сојузник на големата антифашистичка коалиција. Ете, тоа е клучниот момент за македонската национална и државна историја. Како и секоја современа нација така и Македонците минаа долг и трнлив пат за да го потврдат своето место на светската сцена. Од националното будење, предводено од учебникарите и просветителите, преку илинденската епопеја, тој крик кон европското јавно мислење, па до партизанската борба, која конечно се избори за македонската држава. Техеранската конференција не само што ги призна југословенските партизани, како организирана борбена сили, туку ги потврди и политичките заклучоци на АВНОЈ. На 1 декември 1918 година Македонците беа исклучени од тогашната југословенска држава. При прогласувањето на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, Македонците не беа признаени како конститутивен народ наспроти Воденската декларација, кога Македонците побараа да влезат во Југословенскиот одбор како составен народ на идната држава. Македонската историја во тоа злосреќно кралство е историја на отпорот против насилната србизација на Македонците, борба за национална слобода, за признавање на македонскиот јазик и за сите други атрибути на македонскиот идентитет и на македонската државност. Тој отпор имал и своја герилска компонента, но и политичка црта. Врските помеѓу комунистичкото движење и ВМРО, како носител на отпорот на македонскиот народ, се негуваат уште оттогаш, како заедничка борба против омразената монархија. Во ретките моменти кога Кралството ќе дозволува демократско изјаснување Македонците ќе гласаат за комунистите затоа што тие им ветуваат целосна национална еманципација и признавање на нивната посебност (долго време и двете движења работат и на растурање на монархијата). „Црвените општини“ се најсилни токму во Македонија. За мене најромантична епизода од тој период е признанието на Мустафа Голубиќ, диригентот на „црвениот оркестар“ и легендарен југословенски комунистички шпион, дека му завидува на Димитар Влахов во Виена, кого постојано го штитат стотина комити од ВМРО во Виена. Партизанското движење за времето на Втората светска војна посебно ќе се распламти во Македонија поради националната црта на народноослободителната војна. Преписката помеѓу Јосип Броз-Тито и Светозар Вукмановиќ-Темпо тоа и го докажува. Јасно им е на југословенските револуционери дека во Македонија нема поддршка за учество во глобалната комунистичка агенда, но дека има огромен ентузијазам за национална револуција. Борбата на македонските партизани беше првата успешна македонска национална револуција, изборена во соработка со братските југословенски народи, но и како дел од победничката антифашистичка коалиција. Семето што го засеаја учебникарите и просветителите, изрти во илинденската епопеја, а процвета и го даде својот плод со партизанската борба. Во Јајце беше создадена втората Југославија, меѓу другото и како национална држава на македонскиот народ. Во Техеран првпат во историјата една македонска држава го доби своето меѓународно признание.

Македонските партизани ќе им се заблагодарат на остарените вмровци и симболично, со воспоставувањето на одликувањето наречено „Илинденска споменица“. Така ќе оди во незаборав саможртвата на илинденците од 1903 година. Вмровците, пак, исто така ќе им се оддолжат на македонските партизани со тоа што ќе признаат дека македонската држава што тие ја сонуваа, за која се бореа и лежеа во робија, конечно ја направија „цуцулите“.

Македонската партизанска епопеја беше дел и од грчкото антифашистичко движење, кое исто така се изјасни за национална автономија во идната грчка држава, за признавање на македонскиот јазик и за целосна културна автономија на македонскиот народ во егејскиот дел на Македонија. Македонската антифашистичка борба се избори и за македонска автономија во пиринскиот дел на Македонија, каде што Македонците добија свои училишта, весници и театри, признавање и право да си ја негуваат својата посебност. За жал, светската геополитика оневозможи да се консолидираат придобивките за кои македонскиот народ се избори со крвта на македонските партизани. Поразот на Демократската армија на Грција и расцепот помеѓу Тито и Сталин беа трагични за македонското движење во Грција и во Бугарија. Но Македонците одлучија мудро и љубоморно да ја чуваат македонската држава во Југославија. Дури и повикот на генералот Маркос Македонците да востанат против Тито и да се изборат за независна македонска држава беше лесно прочитан како пропаганден трик на тогашна Москва. Извојуваното во заедничката борба со југословенските партизани се одбрани низ изградбата на македонските национални и државни установи во тогашна Југославија.

Можеме да зборуваме за прекршувањата на човековите права во втората Југославија, за прекршувањето на повелбата од Хелсинки, за претерувањата на службите за безбедност, за прогонот на неистомислениците. Македонската наука, особено историографијата, треба многу похрабро да влезе во истражувањето на црните петна од тој период. Но ништо не може да ја оспори улогата на Југославија во делот на борбата, изградбата и одбраната на националната слобода на македонскиот народ. Авнојска Југославија беше жесток бранител на посебноста на македонскиот народ, заштитник на македонските национални интереси и протагонист на борбата за културни права на етничките Македонци во соседството (Југославија никогаш не го затвори прашањето за правата на своите етнички малцинства во соседството, вклучувајќи го и македонското). Македонскиот јазик беше службен јазик на Југославија, рамноправен со словенечкиот и српскохрватскиот или хрватскосрпскиот, федерацијата потпишуваше меѓународни договор на македонски јазик, во Обединетите нации македонскиот беше заведен како службен јазик на СФРЈ. За разлика од актуелниот срамен изостанок на каква било реакција на провокациите од соседството, југословенската дипломатија никогаш не пропушти да осуди, остро да реагира и да протестира за секој изречен говор на омраза против Македонците и Македонија.
Осмото мислење на Бадинтеровата комисија заклучи дека југословенската федерација е распадната. Оттогаш 29 ноември веќе не се прославува никаде на просторите помеѓу „Вардар и Триглав“ и „Ѓердап и Јадран“. Одлуките на АВНОЈ исто така малку потонаа во заборав, но секоја поранешна југословенска република се повикува на одлуките на земските антифашистички собранија како на една од основите на својата државност и уставен поредок. Редно е да се потсетиме дека Македонија својата независност не ја градеше на антијугословенска основа и дека Македонија до самиот крај се бореше целосно да не бидат раскинати врските помеѓу југословенските народи и нивните републики. Дури и македонскиот патриотизам не беше никогаш антијугословенски, туку јасно се негуваше љубовта кон „нашата потесна татковина, Македонија, и поширока татковина, Југославија“. Всушност, Македонија се откажа од Југославија кога беше јасно дека веќе нема сојузници во борбата за каков-таков сојуз помеѓу југословенските народи.

Меѓутоа, останува фактот дека на 29 ноември 1943 година беше признаена конститутивноста на македонскиот народ, како државотворен народ на Македонија и на Југославија, признание израснато врз борбата, коските и крвта на македонските партизани. Неоспорно е и дека таа одлука беше потврдена на техеранската конференција само два дена подоцна, од САД, СССР и ОК. Оттука 29 ноември заслужува и натаму достоинствено да се одбележува во Македонија под име што ќе се утврди низ долга, исцрпна и содржинска дебата.

Автор: Ивица Боцевски