СП првпат се игра во три држави (домаќини се Данска, Норвешка и Шведска). Новиот светски првак ќе обезбеди место на ЛОИ 2024, а селекциите од второто до седмото ќе играат квалификациски турнир во март

ПОЧНА СП 2023 ЗА РАКОМЕТАРКИ

Со вчерашните натпревари Бразил – Украина, Јужна Кореја – Австрија, Норвешка – Гренланд и Шпанија – Казахстан, почна Светското првенство (СП) во ракомет за жени, на кое првпат домаќини се три држави, Данска, Норвешка и Шведска, а вторпат ќе играат 32 репрезентации.
Репрезентациите се поделени во осум групи, првите три селекции од секоја група одат во главната групна фаза, а преостанатите ќе играат во Президент-купот.
Новиот светски првак ќе обезбеди место на Летните олимписки игри во Париз во 2024 година, а за тој турнир веќе имаат обезбедено билет домаќинот Франција, европскиот шампион Норвешка, Бразил како победник на Панамериканските игри, Јужна Кореја, која победи на квалификациите во Азија и Ангола, која беше прва во Африка.
Селекциите што на СП 2023 ќе бидат од второто до седмото ќе играат квалификациски турнир во март в година, на кој ќе настапат вкупно 12 репрезентации.
Титулата светски првак ја брани Норвешка (освоена во Шпанија во 2021 година). Г.И.


ДВОЈКИ ЗА ПРВОТО КОЛО

Група А: Хрватска – Сенегал, Шведска – Кина
Група Б: Црна Гора – Камерун, Унгарија – Парагвај
Група Ц: Јужна Кореја – Австрија, Норвешка – Гренланд
Група Д: Словенија – Исланд, Франција – Ангола
Група Е: Романија – Чиле, Данска – Србија
Група Ф: Германија – Јапонија, Полска – Иран
Група Г: Бразил – Украина, Шпанија – Казахстан
Група Х: Холандија – Аргентина, Чешка – Конго